top of page

Од електро инженер до маркетер и претприемач: Идејата за Кидо Медо и поддршката за родителите и домашните бизниси

Здраво!

Јас сум Мартина, основач на Кидо Медо. По образование сум електроинженер, но патот и креативноста пред 12 години ме одведоа во маркетингот, каде што поминав долг период, работејќи во многу различни индустрии, од рударски сектор, ИТ, дизајн и брендирање.

Кидо Медо е спој на таа аналитичка, инженерска позадина, креативната маркетинг душа и најважно, личната потреба која доаѓа со мајчинството. Тоа е логичен чекор напред, каде што моето искуство во бизнисот го користам за да им помогнам не само на себе, туку и на другите родители и мали бизниси.


Во моето досегашно работно искуство постојано сум била во улога на вработена, а одлуката да се премине целосно од сигурно работно место во ИТ компанија во претприемачки води, особено како мајка на две деца, бара голема храброст, но е и пресметан ризик. Иако оваа улога како основач носи многу поголеми обврски и предизвици, за мене таа е непроценлива поради една клучна причина: времето.

Фактот што сама ја организирам мојата агенда и можам да ги прилагодам обврските, без постојани притисоци и рокови, ми овозможува да имам квалитетно време со моите деца. Оваа независност не е само луксуз, туку и движечка сила која ми дава енергија и страст да ја развивам платформата.

Вреди да се потенцира и уште еден мал бизнис во подем, Meedlepoint, кој го водиме заедно со мојата мајка. Искуство кое исто така ми дава директен увид во предизвиците и убавините на претприемништвото.


Идејата за Кидо Медо дојде од лична потреба

Како и секој родител, се соочив со предизвикот да го организирам секојдневието на моите деца. Да најдам добра роденденска прослава, да откријам едукативен центар, креативна работилница или вистинско место за викенд забава честопати беше постојана потрага низ десетици извори и пораки до мајки за предлози. Сфатив дека ако мене ми е предизвик, сигурно им е и на сите други. Токму таа мајчинска грижа прерасна во дигитална мисија, да се поедностави целиот процес и да се создаде единствена, јасна и редовно ажурирана веб-платформа каде информациите ќе бидат лесно достапни.

Името на брендот Кидо Медо произлегува од англискиот збор „Kiddo" кој се користи за неформално обраќање кон дете, а Медо е мече од моето детство и е „заштитно лице" на брендот.


Како Кидо Медо ги дефинира своите цели?

Примарните цели се три и се еднакво важни:

  • Да обезбедиме проверени и релевантни информации за сите настани и активности, преку директен контакт со соработниците и внимателна селекција.

  • Да изградиме партнерства што траат и носат меѓусебна корист. Платформата не е само веб-страница, туку место за поврзување.

  • Да ги поддржиме домашните рачни изработки, претприемништвото и домашните бизниси кои посветено работат во областа на детски услуги и забава, давајќи им видливост и можност за раст. Преку Кидо Медо, сите добиваат мини веб страница и дополнителна реклама на нашите профили, заеднички работилници, дарувања, споделувања.


Успехот на Кидо Медо до сега

За мене, најголемо задоволство е кога Кидо Медо ќе ја исполни својата мисија. Со огромна радост можам да кажам дека платформата веќе оствари многу соработки и помеѓу нашите партнери. За досегашната работа имавме конкретни резултати преку продажби, резервации, уписи, работилници, па дури и потенцијални вработувања токму благодарение на видливоста што партнерите и малите бизниси ја добија кај нашата публика. 

Ова не е само веб-страница, тоа е екосистем што им дава поддршка на родителите да најдат доверливи содржини, а на малите бизниси да просперираат.

Дополнително, горди сме и на Кидо Медо брендираните производи во соработка со нашите партнери кои можат да се најдат во нашиот Кидо OUTLET.



Визијата за Кидо Медо во иднина

Визијата е Кидо Медо да стане прва асоцијација за секој родител во моментот кога ќе помисли на организирање на детското време. Сакаме да ја прошириме мрежата на партнери, да продолжиме со внимателната селекција на квалитетни содржини и да докажеме дека кога грижата и дигиталната технологија ќе се спојат, резултатот е платформа која вистински го олеснува животот на едно семејство.


Работиме на неколку нови проекти поврзани со нашата маскота, Медо, за кои ќе објавиме наскоро.


Вербата во сопствената идеја е најважната инвестиција

Тоа е мојата порака до сите, особено до оние кои се на крстопат во кариерата или размислуваат за претприемачки чекор. Честопати, најголемите предизвици со кои се соочуваме во секојдневието се најдобар инспиратор за големи бизнис идеи.

Вашата амбиција, интуиција и вашето искуство се моќни алатки кои не можат да се научат на ниту еден курс.


Сепак, важно е да се нагласи дека секоја одлука мора да биде стабилна и пресметана. Напуштањето на сигурноста е голем чекор и не треба да се прави со каење. Направете темелна анализа, проценете ги сите околности и влезете во претприемништвото со јасна цел за успех. Кога ќе го направите тоа, храброста и стабилната посветеност ќе ви овозможат да создадете нешто што е и профитабилно и лично исполнувачко.



Следете нѐ и споделете со другите родители!


bottom of page