top of page

Мали истражувачи со големи соништа: Како во „Максимилијан“ играта станува знаење?

Кога зборуваме за образование на најмалите, често мислиме на учење букви и бројки. Но, во градинката „Максимилијан“ (IKM), учењето изгледа сосема поинаку, тоа е природно, забавно и се случува низ секојдневната игра. Тука децата не само што се чуваат, туку активно го истражуваат светот околу себе.


Денес разговараме со Софија Ф. Јордановска, која со големо внимание и посветеност го води овој центар за ран детски развој. Како координатор на меѓународната програма (IB PYP), Софија верува дека за едно дете да учи добро, прво мора да се чувствува безбедно, сакано и прифатено. Нејзината филозофија е едноставна: да им се даде слобода на децата да прашуваат, да пробуваат нови работи и да растат со самодоверба.


Во ова интервју, Софија ни објаснува како изгледа денот во градинка каде англискиот јазик се „живее“, зошто малите групи се клучни за емоционалниот развој и како нивниот систем му помага на секое дете лесно да премине во училишните клупи.



Кај вас учат преку игра и истражување. Како во пракса изгледа тој премин од слободна игра во учење по IB програма за дете кое има само 2 или 3 години? Што е всушност IB програмата?

Кај најмалите деца, учењето не се случува како класична настава туку како природен процес преку игра, истражување и секојдневни искуства. Токму затоа, кај нас нема „премин“ играта е учењето.

IB (International Baccalaureate) програмата, особено во раните години, се базира на развој на љубопитноста, самостојноста и поставување прашања. На пример, кога децата играат со вода, песок или бои, тие истовремено учат за светот околу себе, развиваат моторика, јазик и логичко размислување.

Нашата улога е внимателно да ја насочиме таа игра во структурирано, но ненаметливо учење, прилагодено на нивната возраст.


На кој начин Вашиот тим гради доверба и емоционална благосостојба кај најмалите (од 9 месеци)?

Кај нас, сè започнува со емоционална сигурност.

Работиме со постепена адаптација, индивидуален пристап и постојана комуникација со родителите. Негувателките и воспитувачките градат блиска, топла и конзистентна врска со секое дете што е клучно на оваа возраст.

Малите групи ни овозможуваат да го запознаеме секое дете, неговите навики, ритам и потреби, и да создадеме средина во која се чувствува безбедно, прифатено и сакано.



Освен совладувањето на јазикот, како англиското говорно опкружување им помага на децата да станат „граѓани на светот“?

Англискиот кај нас не се учи, тој се живее секојдневно.

Преку песни, игри, комуникација и активности, децата природно го усвојуваат јазикот, но уште поважно – развиваат отвореност кон различности.

Во средина каде се почитуваат различни култури, традиции и перспективи, децата учат да бидат толерантни, емпатични и љубопитни за светот што е суштината на IB филозофијата.


Која е најголемата предност за дете што започнува во IKM при преминот во International School Maximilian и PYP програмата?

Децата кои доаѓаат од IKM веќе имаат развиено самодоверба, љубопитност и навики за истражување, што се клучни за PYP.

Тие не се соочуваат со „нова“ средина туку продолжуваат во познат систем, со сличен пристап и вредности. Ова овозможува многу полесна адаптација и побрз академски и социјален напредок.



Како малата бројност на деца влијае на квалитетот на грижата и адаптацијата?

Малите групи се една од нашите најголеми предности.

Со максимум 5 бебиња и до 15 деца во група, секое дете добива индивидуално внимание, побрзо се адаптира и се чувствува сигурно.

Ова значи дека можеме да реагираме веднаш на неговите потреби, да го следиме неговиот развој и да создадеме стабилна, мирна и поддржувачка средина.


Колку е важна услугата „од врата до врата“ и како се грижите за безбедноста?

За современите семејства, оваа услуга е огромно олеснување.

Нашиот транспорт е организиран со високи безбедносни стандарди, обучен персонал и јасно дефинирани рути. Секое дете е придружено и внимателно следено од моментот на преземање до пристигнување.

На овој начин, родителите имаат целосна сигурност и мир, а децата патуваат удобно и безбедно.


070344794

bottom of page