Интервју со Драгана Младеновска FitLife: Мајчинството ме научи на дисциплина и приоритети!
- Кидо Медо

- Mar 4
- 6 min read
Како се гради успешна приказна која започнува од лична страст, поминува низ темелно образование во областа на фармацијата и диететиката, за денес да прерасне во заедница која го менува животниот стил на многу жени.
Драгана Младеновска, магистeр по фармација и диететика, сопственичка на Fitlife Premium Center & Reformer Studio, е вистински пример за тоа како визијата станува реалност кога на неа ќе се додадат цврста дисциплина и мајчинска мудрост.
Во ова интервју, Драгана искрено зборува за предизвиците на модерното живеење, од хаотичните денови кои бараат приоритети, до суптилната уметност на всадување здрави навики кај децата без притисок и забрани.
Таа нè потсетува дека движењето не е само физичка активност, туку темел на менталната стабилност, а успехот има вистинска вредност само кога е споделен со најмилите.

Како успеваш да го најдеш балансот помеѓу амбицијата да изгради успешен бизнис и потребата да бидеш присутна мајка, и што е она што те мотивира кога денот ќе стане премногу хаотичен?
Искрено, не сум сигурна дека балансот секогаш постои како нешто совршено и стабилно.
Повеќе би рекла дека тоа е постојано прилагодување.
Има денови кога работата бара повеќе од мене, и денови кога семејството е апсолутен приоритет. Научив дека балансот не е секој ден да биде еднаков, туку да знаеш што е навистина важно во дадениот момент.
FitLife растеше паралелно со мојот личен живот. Почнав да го градам додека бев баш млада млада, потоа дојде едно дете, мајчинство, магистерските студии, во меѓу време раст во бизнисот, па друго дете... Секоја фаза ме промени и како човек и како професионалец. Денес сум свесна дека успехот за мене нема вредност ако не можам да бидам присутна во животот на моите деца.

Мајчинството всушност ме научи на дисциплина и приоритети многу повеќе отколку бизнисот. Кога имаш деца, времето станува многу повредно и учиш да го користиш мудро. Наместо да работам повеќе часови, се трудам да работам пофокусирано.
Кога деновите стануваат хаотични, што искрено знае да се случи, најмногу ме мотивира токму тоа што го создавам, и семејството, и заедницата околу FitLife. Кога ќе застанам на момент и ќе се потсетам колку жени низ годините, а и денес, почнале да се чувствуваат посилни во своето тело и посигурни во себе, тогаш сознанието дека сум била мал дел од тој процес, како поттик, насока или мотивација, за мене има огромна вредност.
Истото го чувствувам и кога ги гледам моите деца како растат. Најголемата радост за мене е кога ќе видам какви личности стануваат. Среќна сум кога гледам дека растат во средина во која трудот, дисциплината и љубовта кон тоа што го правиш се нешто природно. Се трудам тие вредности да ги почувствуваат преку начинот на кој живееме дома, преку малите секојдневни примери, а не само преку зборови.
За мене хаотичните периоди се само фаза која бара малку повеќе прилагодување. Наместо да се фрустрирам, се трудам да ги приоритизирам работите и да бидам таму каде што сум најпотребна во тој момент. Верувам дека кога ќе пристапиш така, и хаосот станува само дел од процесот, а не нешто што те оттурнува од она што ти е важно.
Кој е вашиот таен рецепт за тоа како на децата да им се всади љубов кон здравата храна уште од мали нозе, без тоа да изгледа како притисок или забрана?
Кај нас дома "здравата" храна никогаш не била претставена како правило, казна или нешто што „мора“. Таа едноставно е дел од нашето секојдневие. Децата растат во средина во која е нормално да има овошје на масата, домашно зготвен оброк, зеленчук во чинијата. Кога тоа го гледаат постојано, тие го доживуваат како нешто природно, а не како ограничување.
Многу е важно и како зборуваме за храната. Наместо да ја делиме на „добра“ и „лоша“, или "здрава" и "нездрава"се трудам да им објаснам што му прави храната на телото, како ни дава енергија, како ни помага да растеме, да се движиме, да се чувствуваме добро. Кога децата ја разбираат таа врска со телото, изборите доаѓаат многу поприродно.
Исто така, не верувам во строги забрани. Кога нешто е целосно забрането, често станува уште попривлечно. Многу повеќе верувам во баланс и во тоа децата да научат дека храната е дел од животот, а не причина за вина, ограничување и постојани преиспитувањата за сѐ што ќе ставиме во уста.
На крајот, мислам дека најважно е атмосферата околу храната дома да биде природна и опуштена. Кога децата растат во средина во која храната е дел од убавите заеднички моменти, разговорите и семејните навики, тогаш љубовта кон здравите навики се развива сама, без притисок.
Колку движењето и грижата за сопственото тело ви помагаат да бидете подобра верзија од себе во сите останати улоги, како бизнис жена и како родител?
За мене движењето никогаш не било само начин да се одржи форма. Тоа е начин да се грижам за себе, за своето тело, но и за својата енергија и ментална стабилност. Кога телото се движи, кога е силно и функционално, тоа се чувствува и во сите други аспекти од животот.
Како мајка и како жена која води бизнис, секојдневието знае да ми биде многу динамично и исполнето со многу одговорности. Токму затоа движењето за мене е начин да останам присутна, фокусирана и стабилна. Тоа е време во кое го враќам контактот со себе, ја ослободувам тензијата и ја обновувам енергијата.
Пилатесот, кој е дел од мојот живот повеќе од една деценија, ме научи дека силата не е само физичка. Таа доаѓа од стабилноста на телото, од свесноста за движењето и од способноста да го слушаме сопственото тело. Кога се чувствувам силна и стабилна, многу полесно ги носам и сите други улоги во животот. Имам повеќе трпение, повеќе енергија и повеќе присутност, и во работата, и со моите деца.
Затоа движењето за мене не е обврска или рутина што „мора“ да се направи. Тоа е основа која ми помага да бидам подобра верзија од себе, и како жена, и како мајка, и како професионалец.

Децата не нѐ слушаат што зборуваме, туку гледаат што правиме. Која е најважната лекција за здравјето и успехот што сакаш твоите деца да ја научат гледајќи те во секојдневните ангажмани?
Децата навистина не учат од тоа што им го кажуваме, туку од тоа што го гледаат секој ден. Затоа најважно ми е преку мојот пример да видат дека работите што имаат вредност се градат со време, посветеност и искрен однос кон тоа што го правиш.
Би сакала да научат дека успехот не е само резултат или признание, туку процес во кој вложуваш труд, остануваш доследен на своите вредности и го правиш она што веруваш дека има смисла.
Во исто време, се надевам дека ќе почувствуваат дека животот не се состои само од постигнувања, туку и од начинот на кој се однесуваме кон луѓето, кон себе и кон работата што ја избираме да ја правиме.
Верувам дека токму тие вредности, кога се гледаат и живеат секој ден, се најсилната лекција што родител може да ја остави зад себе.
Како би ги охрабрила останатите да го стават своето здравје на приоритетната листа и кој е најлесниот прв чекор кон поздраво секојдневие?
Мислам дека најголемата грешка што ја правиме кога станува збор за здравјето е што го третираме како нешто на што ќе му се посветиме „кога ќе имаме време“. Но вистината е дека здравјето не доаѓа како награда после сè друго, туку е основата врз која се гради сè останато.
Кога телото е силно, стабилно и има енергија, многу полесно се носиме со сите други улоги што ги имаме во животот. Токму затоа грижата за себе не треба да се доживува како луксуз или како уште една обврска, туку како инвестиција во сопствениот квалитет на живот.
А и првиот чекор е многу поедноставен отколку што мислиме. Не мора да почнеме совршено, доволно е само да почнеме. Малку повеќе движење, малку повеќе свесност за храната, малку повеќе внимание кон сопственото тело. Со време, тие мали избори стануваат навика, а навиките се тие што го обликуваат нашето здравје.

Кога ќе погледнеш наназад, што е она на што си најмногу горда и која е твојата порака до сите жени кои сонуваат да го претворат своето хоби или страст за здрав живот во успешна професионална кариера?
Кога ќе погледнам наназад, најмногу сум горда на одлуката да му верувам на својот внатрешен глас во момент кога ништо не беше сигурно. Во период кога имав стабилна и сигурна работа, одлучив да направам чекор во непознатото и да започнам нешто свое, без гаранција дека ќе успее. Тоа беше одлука која бараше многу храброст.
FitLife не го изградив преку ноќ. Тој растеше постепено, заедно со мене и со мојот живот. Низ годините се испреплетоа бизнисот, мајчинството, образованието и постојаната желба да учам и да се надградувам. Имало и има многу предизвици, но никогаш не сум дозволила тие да ме "намалат", туку напротив, секој од нив бил причина да продолжам да растам.
Затоа на сите жени кои сакаат својата страст да ја претворат во професија би им рекла дека страста е прекрасен почеток, но не е доволна сама по себе. Таа е само почетната енергија. Вистинската разлика ја прават дисциплината, континуитетот и подготвеноста постојано да учиме, да се адаптираме и да растеме со текот на времето.
Највредните работи ретко се случуваат брзо. Тие се градат трпеливо, чекор по чекор.







