top of page

Емоционално интелигентни деца (науката зад чувствата и нашата улога како возрасни)

Кога зборуваме за „паметни деца“, најчесто мислиме на читање, математика, меморија или брзо размислување. Но современата психологија и невронаука ни покажуваат нешто многу пофундаментално: детето може да биде академски успешно, а сепак емоционално преплавено, анксиозно или осамено.



Токму затоа денес сè повеќе се зборува за емоционална интелигенција (EQ), односно способноста да ги разбереме, регулираме и користиме нашите емоции на здрав начин.


Што навистина се случува во мозокот на детето?

Детскиот мозок сè уште се развива. Делот задолжен за самоконтрола и рационално размислување, префронталниот кортекс, се развива до раната зрелост. Од друга страна, лимбичкиот систем (центарот на емоциите) е активен многу порано. Ова значи нешто клучно: Кога детето има „испад“, не манипулира. Детето буквално е преплавено од емоции без невролошки капацитет да се смири само. Нашата улога како возрасни не е да го „скротиме“ детето, туку да му помогнеме да го изгради тој капацитет.


Што значи емоционална интелигенција во реалниот живот?

Емоционално интелигентно дете не е дете кое никогаш не се лути или не плаче.

Напротив, тоа е дете кое: може да каже: „Се чувствувам многу луто.“ разбира дека лутината има причина. знае дека емоцијата ќе помине. може да побара помош наместо да удира или да се повлече во себе. Оваа вештина директно влијае на: менталното здравје односите со врсниците училишниот успех самодовербата. Истражувањата покажуваат дека децата со развиена емоционална регулација имаат помал ризик од анксиозност, депресија и проблеми во однесувањето подоцна во животот.



Од моја лична перспектива како психолог, едукатор, но пред се како родител, сфатив нешто многу важно:

Најтешката работа не е да ги научиме децата да читаат или да пишуваат, туку да ги научиме како да чувствуваат без страв и вина.

Колку пати сме кажале: „Не плачи.“ „Не се лути.“ „Претеруваш.“ А всушност, детето во тој момент ни вели: „Премногу ми е. Не знам што ми се случува.“

Кога ги гледаме детските емоции како сигнали, а не проблеми, ќе разбереме дека треба да ги поддржиме во тие моменти, а не да ги корегираме или критикуваме. Како да ја развиваме нивната емоционална интелигенција?


Во ЕQ Minds настојуваме практично да ја развиваме емоционалната интелигенција преку:

1. Именување на емоциите (емоционална писменост).

2. Поврзување со телото. Ова ги учи децата на самосвест.

3. Нормализирање на сите емоции. Сите емоции се дозволени, но не и сите однесувања.

4. Моделирање како возрасни.


Ние ги учиме децата преку пример како здраво да се справуваат со чувствата. Зошто ова е најголемиот подарок што можеме да им го дадеме? Затоа што емоционално интелигентните деца не се „послушни“.


Тие стануваат:

  • емпатични луѓе

  • самосвесни личности

  • храбри во поставување граници

  • способни да сакаат и да бидат сакани

  • И можеби најважното, тие стануваат возрасни кои не се плашат од своите чувства.


Ова според мене претставува вистински пример за зрелост.


Пишува

Мартина Стојкоска, сертифициран SEL едукатор во ЕQ Minds

📞 071 296 069

bottom of page