Ена Абјаниќ Чаусидис: Читањето е супермоќ што ги штити децата од дигиталниот шум
- Кидо Медо

- Mar 21
- 3 min read
Во време кога вниманието на децата е во постојана борба со шарените пиксели на екраните, постои едно место каде времето застанува, а приказните оживуваат.
Ена Абјаниќ Чаусидис, педагог и магистер по филозофски науки, преку својот проект „Алетеа - Читаме заедно“ и магичното „Катче за приказни“, создаде оаза за најмладите.
Нејзината мисија започна инстинктивно, со раѓањето на нејзиното прво дете среде пандемија, а денес прерасна во заедница каде книгата е главниот мост помеѓу родителот и детето. Со Ена разговараме за тоа како да ги вратиме децата кон вистинските вредности, како Монтесори методот помага во овој процес и зошто е важно „Катчето за приказни“ да биде простор каде и родителите наоѓаат поддршка во предизвиците на модерното време.

1. Кој беше клучниот момент или лична ситуација што Ве поттикна да го оставите дигиталниот свет настрана и да создадете физички простор посветен на приказните?
Оваа моја мисија започна со раѓањето на моето прво дете, кое се случи во време на пандемијата. Како љубител на книгите и читањето, природно започнав да му читам наглас на моето бебенце и почнав да забележувам како позитивно почнува да реагира на моите читања. Екраните беа целосно исклучени во тој период, инстиктивно знаев дека на мало бебе местото не му е пред екран. Така започнав да истражувам и открив многу истражувања кои одат во прилог на овој мој став (можам да кажам дека пред 6 години овој став не беше популарен, па луѓето од мојата околина го сметаа за чуден) Дополнително се едурицав во Монтесори педагогијата и започнав со читачки работилници за деца. Она што ме поттикна да го создадам „Катче за приказни“ беше потребата од ваков вид на простор кај нас, каде децата ќе може слободно да си разгледуваат и читаат книги, каде ќе може да се служат со Монтесори материјали, да играат друштвени игри, додека родителите имаат кус одмор со кафе. Секако, простор во кој јас ќе можам да ги оживувам сите детски сликовници и книги доближувајќи им ги на децата на еден интересен и едукативен начин.
2. Често велиме дека децата денес тешко го задржуваат вниманието. Каква трансформација гледате кај нив кога ќе влезат во Вашето катче и кога приказната ќе почне да се одвива пред нивните очи, без екрани?
Таа трансформација можам да ја забележам кај дечињата кои доаѓаат редовно секој петок во читачкиот клуб. Тоа се дечиња на предучилишна возраст со кои освен во нашето Катче, се чита и дома, па така може да го задржат вниманието и да слушаат подолги приказни, да се вклучат во разговор, да поставуваат прашња и да учествуваат во активноста која следува по читањето. Но, и оние дечиња кои доаѓаат повремено на некои од тематските работилници можам да забележам дека ги впиваат приказните и им се допаѓа атмосферата во „Катче за приказни“.
3. Вашите настани не се само за децата, туку и за мајките. Колку е важна таа заедница на родители во денешно време и што е она што мајките најчесто го споделуваат со Вас како нивен најголем предизвик?
Јас би рекла и татковците - затоа што доста често на нашите работилници татковците се тие кои ги придружуваат дечињата. Тоа е и една од целите на овој мој проект, да создадеме заедница на родители кои минуваат низ истите предизвици, споделуваат слични ведности во врска со воспитанието на своите деца и веруваат дека е потребно да се биде присутен и проактивен родител. Она што можам да го забележам како нишка која се провлекува како некаков заеднички предизвик се границите кои треба да се постават во врска со употребата на екраните и начинот на кој треба на децата да им се претстави влезот во дигиталниот свет.

4. Каков совет би им дале на родителите кои сакаат да ја пренесат оваа атмосфера во својот дом? Како да го направат читањето омилен дел од денот, а не обврска?
Книгите да бидат дел од семејната околина - децата да имаат свое библиотечно катче со сликовници, книги, списанија за деца… Доколку сакате да ги избегнете екраните во секојдневните ситуации - автомобил, ресторан, чекални - носете со себе по една - две сликовници, книгичка со активности или мини сложувалка. Верувајте ми, ние сме тие кои ја создаваме навиката на детето. Посетувајте книжарници, библиотеки, дојдете во нашето „Катче за приказни“, негувајте ја љубовта кон природата, па така детето, а и вие, спонтано ќе сакате да посегнете по книгата. Секако, убаво е да се има рутина за читање заедно, заедничкото читање пред спиење е одлична можност за тоа. За сите овие бенефити кои ги носи читањето наглас во детскиот развој, како и практични совети можете да прочитате бројни едукативни објави на мојот профил @aletea_chitame_zaedno.
5. Кога едно дете ќе си замине од Вашиот настан, која е таа една емоција или мисла што сакате да ја понесе со себе дома?
Дека читањето е една прекрасна и збогатувачка активност. Доколку успееме барем малку на децата да им ја всадиме љубовта кон книгите од најмали нозе, таа може да им биде супермоќ и огромна предност во животот.










