Читање со деца, од кога да започнеме и зошто е толку важно?
- Jul 19
- 2 min read
Многу родители се прашуваат: „Од кога да му читам на моето дете?“
Одговорот е едноставен, од првиот ден. Иако новороденчињата не ги разбираат зборовите, тие го препознаваат и обожаваат гласот на нивните родители. Звукот, ритамот и интонацијата стануваат мелодија што ги смирува, поврзува и ја гради нивната доверба. Читањето уште од рана возраст не е само развој на говор, тоа е љубовен гест и еден од првите облици на комуникација.

Со бебиња до 6 месеци, читањето изгледа поинаку. Tоа е мек глас, блискост и покажување едноставни слики. Книгите со контрастни бои, животни или едноставни форми им го задржуваат вниманието, дури и за кратко. Подоцна, кога детето ќе почне да препознава зборови, повторувања и обрасци, книгите стануваат уште поинтересни. Тогаш почнуваме со именување: „Ова е куче. Кучето прави ав-ав!". Taка секој збор добива значење.
Во периодот од 1 до 3 години, децата сакаат да ги повторуваат истите приказни одново и одново. Иако нам како возрасни може да ни биде досадно, за нив тоа е начин на учење. Преку повторување, тие го збогатуваат речникот, ја развиваат концентрацијата и почнуваат да разбираат што значи почеток, средина и крај на приказна. Секоја интеракција со книга е учење, дури и кога детето повеќе прелистува отколку што слуша. Не мора секогаш да се прочита сè, важно е да се зборува, да се реагира, да се слушне и почувствува.
Читањето со деца има огромни придобивки: развој на говорот, збогатување на речникот, стимулирање на имагинацијата и учење за светот околу нив.
Но можеби најважното од сè, тоа е посебно време поминато заедно. Во денешно време кога сите сме зафатени, дури и 10 минути читање навечер можат да станат ритуал што го зајакнува односот родител-дете.
Никогаш не е прерано или предоцна да се почне. Децата не очекуваат совршено читање, им треба љубов, внимание и гласот на најблиските.
Добро е и децата да ги гледаат своите родители додека читаат. Тоа е тивка, но моќна порака дека читањето е вредност и задоволство, а родителот станува пример кој тие ќе сакаат да го следат. Тоа е доволно да се роди љубовта кон книгите што ќе трае цел живот.