Финансиско образование за деца 6+
- Кидо Медо

- 2 days ago
- 4 min read
Направете го ова за вашите деца пред да биде доцна!
Постојат периоди кога како родител имате чувство дека ништо што ќе поставите како правило не „фаќа место“. Обврските се игнорираат, границите се тестираат, а секој обид за воведување ред завршува со отпор. Во такви моменти лесно е човек да почне да се преиспитува – дали пристапот е погрешен, дали нешто требало поинаку.

Кај многу семејства, дел од причината знае да биде и тоа што децата растат опкружени со многу материјални работи. Со добра намера, од љубов, често добиваат повеќе отколку што реално им е потребно. Со време, тоа може да доведе до заситеност – и до ситуација во која новите работи веќе не носат радост, туку стануваат очекување.
Во еден таков момент, кај мене се појави идеја да за својот син (6 ипол години) воведам едноставен систем. Без големи најави или сложени правила – само јасна промена: од тој ден, работите се „заработуваат“.
Секој ден почна да се бележи со плусеви и минуси. Плус за корисни и позитивни работи – од наједноставни како местење кревет или миење заби, до помагање дома или физичка активност. Минус за однесување кое не е прифатливо. На крајот од денот се правеше мала „сметка“ односно минусите ги одземаа плусевите (13 плусеви, 5 минуси, резултираше со 8 плусеви. А секој плус вредеше 10 денари).
Во почетокот, најважно беше да се задржи мотивацијата. Не перфекција, туку напредок. Дури и малите победи се броеја. Со тек на време, тие мали активности почнаа да се претвораат во навики.
Со тек на време, системот доби појасна структура преку воведување на едноставна табела со задачи. Таа беше поделена на дневни и неделни активности, каде секоја извршена задача носи „плус“.

Пример за структура:
Дневни задачи (секој ден):
местење кревет
лична хигиена (утро/вечер)
физичка активност
учење/читање
помош дома
Неделни задачи:
средување на соба
помош околу поголема домашна обврска
конзистентност во одредена навика
Ако, на пример, има:
7 дневни задачи × 7 дена = 49 можни плусеви
4 неделни задачи = вкупно 53 плусеви
Не е целта да се постигне максимумот, туку да се постави реална цел – на пример:
~50% исполнетост = услов за „плата“
Чувствувајте се слободно да го адаптирате согласно на вашите приоритети и можности, нека ова ви послужи како пример. Нашата табела стои залепена на фрижидер со магнет и секоја недела во Недела навечер даваме плата, бонуси, и старата табела оди во архива, а се прикачува нова.
Неделна „плата“
Фиксна сума: 1000 денари
Детето ја „заработува“ ако ја достигне целта
Дополнително, се воведува и бонус систем, каде детето избира награда:
помал бонус (пр. омилен десерт) → помал број плусеви
среден бонус (пр. кино/активност) → повеќе плусеви
поголем бонус (пр. играчка со ограничен буџет) → најмногу плусеви
На овој начин детето почнува да разбира:
дека различни работи имаат различна „вредност“
дека изборите бараат одреден труд
Дозволете му на детето да учествува, и да преговара за бонусот што сака да му биде за таа недела и колку плусеви треба да собере. Не го пресекувајте кога преговара, но и не прифаќајте го неговиот прв предлог, на тој начин учете го да преговара и да најде заедничко решение.Распределба на парите (основи на буџетирање)
Откако ќе ја добие „платата“, таа не се троши целосно.
Се воведува едноставен модел:
Неделна сума: 1000 денари
25% – „трошоци“ (250 денари)
симболично учество во:
храна
сметки
дом
цел: да разбере дека животот има фиксни трошоци
20% – заштеда (200 денари)
за:
идни поголеми желби
непланирани ситуации
Инвестирање откако ќе собере и ќе остави средства за 6 месеци трошоци во непланирани ситуации (Во нашиот случај 550 денари по 4 недели се 2200 денари месечно, односно 13.200 денари за 6 месеци трошење без примања)
цел: градење навика за штедење и инвестирање
55% – слободно трошење (550 денари)
детето одлучува самостојно:
играчки
слатки
ситни задоволства
Практично, ова често се структурира како:
~100 денари дневно (во работни денови или да ги заштеди за викенд)
викенд без трошење (или повеќе доколку заштедило во работни денови)
Зошто ова функционира?
Парите се ограничени → се јавува потреба за избор
Не се купува „без размислување“ → се гради вредносен систем
Детето учи дека:
не може сè одеднаш
треба да планира
понекогаш вреди да се почека
Дополнително, ако не се потрошат сите пари:
остатокот оди во заштеда → се засилува чувството за контрола и напредок
Интересно е како со време се менува и односот кон работите. Наместо постојано барање нешто ново, почнува да се појавува размислување: дали вреди, дали да се зачува, дали да се почека.
Токму тој процес е суштината.
Секако, ништо од ова не се случува само од себе. Бара трпение, потсетување, присутност. Во почетокот повеќе од страна на родителот, бидете спремни дека и вие ќе имате нова навика (најмалку 3 пати на ден, да проверите, подтикнете, инсистирате, мотиривирате…), подоцна сè помалку. Но постепено, однесувањето почнува да се менува – не преку притисок, туку преку разбирање.
Со време, резултатите стануваат видливи. Повеќе ред, повеќе соработка, помалку конфликти. А најважно од сè, детето почнува да ја разбира вредноста, не само на парите, туку и на вложениот труд.
Овој пристап не мора да изгледа исто во секое семејство. Но како идеја – дека навиките, одговорноста и односот кон парите може да се учат постепено и низ секојдневие – може да биде добра почетна точка.
Пишува: Бојан Стојковски



