Родителите се првите логопеди на своите деца
- Кидо Медо

- Oct 24
- 2 min read
Со оглед на важноста на раниот говорен развој и улогата на родителите во тој процес, текстот што следува нуди стручни совети од логопед за тоа како да се поттикне комуникацијата и говорот кај децата уште од најмала возраст.
Овие насоки се темелат на професионално знаење и лично искуство, со фокус на нежната интеракција лице в лице и избегнување на екрани, како клучни елементи за успех.

Сè започнува дома, во топлината на родителскиот глас, во погледот лице во лице и во секој момент на нежна интеракција. Родителите се првата и најважна околина во која детето учи да комуницира, да се изразува и да го развива својот говор.
Како логопед, но и како мајка на две деца ,Костадин и Евгенија, кои имаат 3 и 5 години знам колку е важно да му се зборува на детето уште од најрана возраст. Моето лично искуство ми покажа дека секој збор, секоја насмевка и секој контакт лице во лице имаат огромно значење.
Неколку златни совети за поттикнување на говорниот развој:
Зборувајте со вашето дете кога има насочено внимание кон вас — тоа е моментот кога најмногу учи.
Користете техника лице во лице — дозволете му да го гледа вашето лице, изразите, движењата на усните.
Имитирајте го вашето бебе — кога гуга, одговорете му со ист тон, ритам и емоција. Така учи дека комуникацијата е размена.
Опишувајте го секојдневието – кажувајте што правите, каде одите, што гледате; на тој начин му давате зборови за светот околу него.
Избегнувајте прекумерна изложеност на екрани – тие создаваат еднонасочна, а не двонасочна комуникација, што е суштинска разлика.

Раната интервенција е клучна. Колку порано се започне со стимулирање на говорот и комуникацијата, толку побогато ќе биде детското разбирање, зборување и изразување.
Ивана Илијоска, Спец. по клиничка логопедија
📞071 963 667



