Логопедски осврт на очекуван развој на говор - Детето го прослави четвртиот роденден, но што понатаму?
- Кидо Медо

- Feb 24
- 2 min read
Кога говорот се развива по очекуван тек, а кога е време за логопед?
Развојот на детето на возраст од четири години претставува значајна фаза во раното детство. Фаза во која детето се соочува со интензивни промени во сите развојни домени. Оваа возраст се вбројува во предучилишниот период, кога детето активно го истражува светот околу себе, ја проширува својата независност и воспоставува посложени односи со врсниците и возрасните.

Четиригодишното дете покажува зголемена љубопитност, имагинација и се поизразена способност за вербална комуникација.
Разбирањето на карактеристиките и специфичностите на оваа возраст е од особено значење за родителите, воспитувачите и стручните лица, бидејќи навремената поддршка и соодветната стимулација придонесуваат за оптимален развој на детето и успешно подготвување за следните образовни и животни предизвици. Токму овој старт во посериозниот свет налага големо внимание од страна на родителите, нивно следење на детскиот развој и навремено барање помош од стручни лица.
Детето го прослави четвртиот роденден. Веќе води разговори, поставува безброј прашања, измислува приказни и понекогаш ве изненадува со реченици што звучат како да доаѓаат од возрасен.
Но, можеби во исто време се прашувате:
“Дали зборува доволно јасно?”
“Дали треба да ги изговара сите гласови?”
“Дали е очекувано што понекогаш „голта“ зборови?”
Четвртата година е исклучително важна во говорно-јазичниот развој – период кога се поставуваат темелите за идниот успех во учењето, читањето и пишувањето. На оваа возраст децата користат реченици од 4-6 зборови, раскажуваат кратки приказни, поставуваат многу прашања („зошто“ , „како“, „каде“) ,имаат речник од 1000-1500 зборови, користат минато време…
Секое дете се развива со свое темпо, но обрнете внимание ако:
-детето користи многу кратки или нецелосни реченици;
-често го заменува или изоставува истиот глас;
-тешко го разбираат луѓе надвор од семејството;
-избегнува комуникација;
-се фрустрира кога не може да се изрази;
-пелтечи подолг период без подобрување;

Раната проценка не значи „етикетирање“, туку поддршка. Колку порано се започне со стимулација, толку побрзо и полесно се надминуваат потешкотиите. Затоа што поддршката е тимска работа, а тимот од логопед, дете и родители прави чуда.Добрата вест е дека секојдневието е најдобрата логопедска стимулација. Читајте приказни секој ден и разговарајте за нив, поставувајте отворени прашања („Што мислиш дека ќе се случи?“) играјте улоги (продавница, доктор, училиште), пејте песни и рецитирајте , дајте му време да одговори – не довршувајте му ги речениците, и секако најважното: слушајте го внимателно и охрабрувајте го.
Четири години е возраст на огромен напредок. Малите „несовршености“ во говорот често се дел од природниот развој. Но ако нешто ве загрижува – подобро е да прашате, отколку да чекате. Поддршката не значи дека нешто е „погрешно“. Таа значи дека му давате на вашето дете најдобра можна основа за иднината.
Затоа што ,како што рековме ТИМОТ прави чуда.
Четири свеќички на роденденската торта и што понатаму?
- Понатаму љубов, присутност, смеа, игри и секако, навремен логопдски третман.

Христина Трајковска, Тимот А
📞 075 317 241



