top of page

Прво одделение – Клучен пресврт во детскиот развој

Што треба да знае вашето дете и кога да побарате стручна помош?


Започнувањето на училиште е еден од најзначајните моменти во животот на секое дете. Првото одделение не претставува само ново поглавје во образованието, туку и важен чекор во емоционалниот, социјалниот, моторичкиот и јазичниот развој.

Елеонора Наумоска, специјален едукатор и рехабилитатор (дефектолог) во Здружението за стимулација на раст и развој, едукација и советување "Центар - Мали стапала"- Скопје, објаснува подетално како во оваа фаза децата се соочуваат со нови предизвици и очекувања и зошто е од суштинско значење родителите и наставниците внимателно да го следат нивниот напредок.

Во продолжение ќе дознаете што се очекува да знае и умее едно дете при вклучување во прво одделение и кога е препорачливо да се побара стручна поддршка.



Што треба да умее детето во прво одделение?

Очекувано е децата на оваа возраст да се стекнат со основни академски знаења. Пред запишување во прво одделение, од детето се очекува да умее да го пишува своето име и да ги препознава буквите, а во текот на учебната година треба да започне да пишува букви и зборови. На оваа возраст децата треба да поврзуваат глас со буква и да читаат едноставни зборови.


Во однос на математиката, се очекува детето да разбира и да решава основни математички операции до 20, но пред да почне да собира и одзема, треба да има веќе усвоено чувство за количината на броевите и да ги разбира основните математички поими (како на пример повеќе, помалку...). Исто така, треба да знае да црта основни геометриски форми.

Децата пред тргнувањето на училиште треба да почнат да ги разбираат едноставните просторни односи (горе, долу, во...), а во школскиот период веќе треба да ги препознаваат и користат повеќето просторни поими (над, под, помеѓу...).

Во врска со фината и грубата моторика, од детето се очекува правилно да го држи моливот и да манипулира со приборот, да има развиена координација при движење, скокање, трчање, играње со топка итн. Се очекува детето да се ориентира просторно и временски.


Јазикот треба да биде разбирлив, да користи целосни реченици и постојано да го збогатува речникот. Треба да може да раскаже приказна по логичен редослед.

Во оваа возраст значаен фактор е вклучувањето во групната работа и следењето на правилата. Детето почнува да развива самоконтрола и да се справува со емоциите. Треба самостојно да користи тоалет, да се облекува и соблекува, да води грижа за личните предмети и самостојно да се храни.


Препорачливо е да се консултирате со стручно лице доколку:

  • детето има тешкотии во усвојувањето на буквите, броевите или читањето

  • не разбира едноставни инструкции или брзо го заборава наученото

  • има тешкотии со просторно и временско ориентирање

  • често се сопнува и има проблеми со рамнотежата

  • има ограничен речник, избегнува вербална комуникација, говорот е неразбирлив или граматички сиромашен за возраста

  • се појавуваат тешкотии во групната работа, не умее да ги контролира емоциите, се повлекува или покажува анксиозност

  • има тешкотии при држење на моливот, пишување или манипулирање со предмети


Секое дете има свој индивидуален ритам на развој. Затоа од голема важност е родителите и наставниците да го следат детето и навремено да реагираат доколку се појави некоја тешкотија.

ree

Сите заинтересирани можете да стапите во контакт со тимот на Здружението за стимулација на раст и развој, едукација и советување "Центар - Мали стапала"- Скопје преку нивните профили на Instagram и Facebook или на📞 070 976 932.


bottom of page