top of page

Мојата приказна со KPCrafts – кога рачната изработка стана моја терапија

Во свет исполнет со брзина, стрес и секојдневни обврски, понекогаш забораваме да застанеме и да му дадеме простор на она што навистина нè исполнува.


Во продолжение е инспиративната приказна на Катерина Пешиќ која стои позади рачните изработки под брендот KPCrafts.


"Јас сум инженер за безбедност и здравје при работа – професија полна со стрес, одговорност и секојдневен притисок. За време на карантинот од короната, кога светот застана, сфатив дека морам да најдам начин да го смирaм умот и да ја вратам радоста во секојдневието.

Наместо лекови и мотивациски книги – посегнав по игли и конец. Почнав да плетам шалови и капчиња за дечињата на моите најблиски. Кога ги видов нивните насмевки, сфатив дека преку рацете можам да пренесам љубов.



Наскоро почнав со шиење заштитни маски за короната, потоа и природни глицерински сапуни за различни потреби на кожата. Домот ми се претвори во мини-ателје, а срцето ми се полнеше секој пат кога некого ќе израдував со нешто направено од мене. Сфатив дека ова не е само хоби – ова е моја терапија, моја радост и мој начин да правам добро. Еден ден налетав на техника што целосно ме освои – Diamond Painting. Со илјадници мали циркони почнав да креирам бележници за книги, привезоци, шноли за коса, мали украсни слики и честитки кои блескаат на светлина. Но производот кој најмногу ми го украде срцето се „Среќните Ѕвездички“ во рамка.


Правам мали ѕвездички од хартија – секоја со желба за среќа – и ги врамувам со посвета по избор. Рамките ги подаруваат за новороденчиња, за првачиња, за родендени, свадби…

Секој пат кога ќе ми кажат „го чувам на највидливо место дома“, чувствувам дека не правам само декорации – туку дел од нечие семејство.

Денес мојот мал бренд KPCrafts живее на базари, социјални медиуми и на платформата KiddoMedo, каде што родителите можат да изберат подарок што навистина зборува.



Во моментов ја подготвувам зимската и новогодишна колекција – блескави ѕвездички, празнични привезоци и мали декорации што ќе внесат магија во вашиот дом. Секој производ е направен со истата љубов со која го направив првиот шал."



ree

"Најубавите подароци не се совршените – туку искрените.

Создадени со раце. Подарени од срце."




bottom of page