top of page

Логопедски кабинет „Зборче“ за прашањето: Треба ли моето дете да го однесам на логопед?

Updated: Oct 3

Една од најчестите дилеми со која што се соочуваат родителите претставува прашањето:

Треба ли моето дете да го однесам на логопед?


И разбирливо е: помеѓу добронамерните совети од блиските и морето од информации на интернет, тешко е да се разграничи нормалниот тек на говорно - јазичниот развој и потенцијалните отстапки.


За таа цел, во овој блог ќе разгледаме некои рани знаци кои укажуваат дека на детето би му користел логопедски преглед.



Еден од предусловите за развој на говорот претставува уреден слух. Впрочем, се смета дека слухот почнува да се развива од 16 – тата до 22-рата гестациска недела. По раѓањето, се очекува детето да реагира на звуци од околината, да се врти на сопственото име и понатаму да започне да ги имитира звуците од околината. Па така, доколку Вашето дете не реагира кога ќе го повикате, значително ја зголемува гласноста на телевизорот или телефонот или има неразбирлив говор за возраста, препорачлива е консултација со аудиолог и логопед.

На околу 12 месеци се очекуваат првите зборови, кои можат да бидат разновидни. Важно е истите да се со значење: користени повеќе пати, во точен контекст и насочено! Оттука речникот на детето постепено се зголемува, за веќе на околу 2 годишна возраст да изнесува најмалку 50 збора и од нив да се формираат првите реченици.

Доколку има неколкумесечна отстапка од овие одредници, особено придружено со неразбирање на усни налози, може да се упатите на логопедски преглед. Едно од најчесто поставуваните прашања е во врска со правилниот развој на гласовите.


Општото правило е дека до околу 5 – 5 години и 6 месеци детето треба да ги има усвоено сите гласови од македонскиот гласовен систем. Малку подетално, самогласките (а,е,и,о,у), плозивите (п,б,т,д,к,г) и некои други типови гласови (в,ф,х,ј,њ) треба да се формираат околу третата година.

За некои фрикативи и африкати се чека до околу 4 години (с,з,ц,ѕ,ч,џ итн), а за најкомплексни важат л, љ и р, кои се толерираат до 5, најдоцна до 5 год. и 6 месеци.

Важно е тука да се нагласи дека доколку детето неправилно изговара некои гласови (на пример „меѓузабно“ с,з или грлено Р), потребно е логопедска интервенција без разлика на возраста!


Во овој блог разгледавме само дел од многубројните рани знаци кои можат да укажат на потреба од логопедски третман.

Се надеваме дека успеавме барем на некој родител да му ги разјаснаме дилемите околу раниот говорно – јазичен развој.


За повеќе информации, совети и контакт, следете ги Логопедски кабинет „Зборче“ на Инстаграм и Фејсбук профилите или исконтактирајте ги на 071 461 388.


Раната детекција и интервенција се клучни!

bottom of page