Кога стресот се претвора во уметност: Приказната на Катерина од KPCrafts
- Кидо Медо

- Dec 11, 2025
- 4 min read
Катерина Пешиќ е пример за тоа колку неверојатни работи може да создаде човек кога ќе ја пронајде својата внатрешна рамнотежа. Како инженер за безбедност и здравје при работа, нејзиниот ден е исполнет со одговорност и постојана будност, професија што ретко остава простор за пауза. Но токму во најпредизвикувачките моменти, таа ја откри својата неочекувана терапија: креативноста. Од првиот исплетен шал до илјадниците ситни ѕвездички од хартија, Катерина создава мал универзум на смиреност и убавина што подоцна ќе го прерасне во KPCrafts – бренд што носи душа, добрина и топлина во секој изработен детал.

Вашата примарна професија е инженер за безбедност и здравје при работа – професија позната по високиот стрес и одговорност. Како конкретно го опишувате моментот кога креативноста го замени стресот, и како тоа стана вашата „терапија“?
Како инженер за безбедност и здравје при работа секојдневно сум изложена на ситуации кои бараат будност, анализа на ризици, одлуки во момент и носење одговорност за здравјето и безбедноста на цел колектив. Тоа е професија која ретко дозволува простор за опуштање бидејќи грешката не е опција. За време на карантинот, кога ритамот на светот одеднаш се забави, сфатив дека морам свесно да најдам начин да го успорам сопствениот ум. Наместо класични методи за справување со стрес, спонтано посегнав по игли и конец. Првиот шал што го исплетов за дете од семејството беше моментот кога почувствував вистинско олеснување како стресот да се претвора во нешто убаво и смирувачко. Тогаш сфатив дека креативностата не е само хоби, туку мој личен простор каде повторно се поврзувам со себе.
Работите со широк спектар на техники! Како одлучувате која техника или материјал е следен? Што ве привлече толку силно кон Diamond Painting?
Многу често техниката сама ме „бара“. Понекогаш ме инспирираат боите, понекогаш сезоната, а понекогаш нов материјал што ќе го видам. Diamond Painting ме привлече бидејќи бара огромно трпение и концентрација, а токму тоа ми создава неверојатен мир. Илјадници мали циркони, ред по ред, ме внесуваат во состојба на целосен фокус, како медитација. Оваа техника ми дозволува да го исклучам светот околу себе и да создадам момент на тишина што ретко го имам во секојдневието.
„Среќните Ѕвездички“ станаа ваш заштитен знак. Тоа е производ кој носи силна емотивна тежина, желба за среќа врамена во посвета. Од каде потекнува оваа идеја и колку е тежок процесот на изработка на овие ситни, но моќни ѕвездички од хартија?
Идејата се роди по читањето на Легендата за Хоши и среќните ѕвездички, приказна која вели дека секоја хартиена ѕвезда носи мала порака на добрина и среќа. Тоа ме допре длабоко и ме инспирираше да создадам производ кој не е само украс, туку симбол со позитивно значење нешто што ќе ја внесе топлината и нежноста во домот на оној што ќе го добие. Сакав рамка што ќе зборува тивко, но силно, и која ќе биде личен потсетник на убавото.
Процесот на изработка е многу прецизен: секоја ѕвездичка се витка рачно од тенка хартија и мора внимателно да се оформи за да добие правилен тридимензионален изглед. Иако се минијатурни, тие бараат многу трпение, фокус и нежност, а токму тоа им ја дава нивната емоционална тежина. Секоја ѕвезда носи дел од мојата посветеност, и луѓето навистина го чувствуваат тоа кога ќе ја примат во раце.
Како успевате да ги балансирате барањата на вашата сериозна професија со одржувањето на KPCrafts како бизнис вклучувајќи ја изработката и продажбите?
Искрено, потребна е многу организација и љубов кон тоа што го правам. Мојата примарна работа и KPCrafts се два сосема различни светови едниот строг, структуриран и динамичен, другиот креативен и смирувачки. Но токму таа разлика ми помага. Инженерството ми го разви чувството за дисциплина и време, а креативноста ми ја дава енергијата што ми недостига по напорен ден. Работам навечер, за викенди, кога ќе најдам време но кога ќе видам некој среќен со моите производи, знам дека трудот вреди.

Што ги прави празничните производи од KPCrafts посебни? Дали имате некоја традиција или магичен ритуал при изработка на новогодишните декорации?
Празничните производи ми се посебни затоа што ги изработувам со вистинско чувство и внимание на секој детал. Празничната сезона сама по себе носи топлина и инспирација, па често само дозволувам атмосферата да ме води комбинациите на бои, светките, материјалите, мирот што го носи зимата. Немам некој специфичен ритуал, но секогаш се трудам да бидам присутна и смирена додека работам, бидејќи верувам дека енергијата со која создаваш се пренесува во производот. Можеби токму тоа, таа природна и тивка посветеност, ги прави празничните декорации на KPCrafts толку топли, уникатни и издржани во својот изглед.
Што би им порачале на оние кои се двоумат да купат рачна изработка наместо фабрички производ, зошто емотивната вредност на производите е незаменлива?
Би им порачала дека рачната изработка секогаш носи нешто што фабричкиот производ не може да го понуди човечка енергија и вистинска посветеност. Кога ќе купите рачно изработен украс, вие не добивате само предмет, туку време, труд и дел од креативноста на човекот кој стоел зад него. Секој детал е направен со внимателен избор, а не со автоматска репликација. Токму затоа ваквите производи имаат топлина и автентичност што се чувствува веднаш. Во свет каде сè е брзо и масовно, рачното создавање потсетува на вредноста на малите, уникатни нешта – и затоа неговата емоционална вредност е навистина незаменлива.
076 430 284















