Кога родителите и стручните лица се следат во чекори сведочиме на ТИМСКА ПОБЕДА
- Кидо Медо

- Dec 9
- 3 min read
Додека сме заиграни со нашите деца, дома, на подот со играчките важно е да освестиме дека во тие моменти го градиме темелот на детскиот развој. Во тие моменти не сме само родители туку и котерапевти, но и вистинската подршка и нивниот ветар во грб.

Замислете само за момент: едно дете кое се' уште не зборува, кое има потешкотии во развојот, тоа не знае што е дијагностика, не знае дека додека си играме заедно, всушност го воведуваме или ги подобруваме неговите вештини, но тоа што го знае и го чувствува е фактот дека сме тука, дека сме присутни, дека се радуваме на секој поглед,секој обид, секој направен нов чекор. Е, токму тука е она што е најважно, а тоа е дека родителот е прв терапевт, но и првата подршка и сигурност за своето дете,прв компас за првите вистински насоки. Во раниот развој времето не оди споро, оди многу брзо, но тивко.
Малите моменти од секојдневието можат да бидат клучни за развој на говорот, моториката, вниманието и емоционалната стабилност. И не станува збор секогаш да се направи нешто големо,понекогаш е доволно да седнете до своето дете и да го пуштите тоа да ве води во сопствената игра,да моделирате нови зборови, да пеете песнички, да имате дневни рутини и кога ви изгледа дека нема никаква реакција доволно е да го погледнете во лице, да остварите контакт со поглед додека му зборувате, бидејќи вашиот поглед му е знак дека е видено и дека верувате дека вашиот труд остава траг и кога непредокот не се забележува веднаш. Родителите најдобро го познаваат своето дете, знаат кога е изморено, кога нешто го мачи,кога нешто не е во ред и затоа кога вашиот логопед или терапевт ви каже дека и ВИЕ СТЕ ДЕЛ ОД ТИМОТ, знајте дека тоа не е само обична фраза, тоа е само вистина која ја живееме и чии бенефити ги забележуваме секојдневно.
Родителите кои активно учествуваат, кои прашуваат,кои вежбаат дома со своите деца следејќи ги насоките од стручните лица, ја прават разликата која ниедна метода не може да ја замени. Како котерапевти дома не ви се потребни ниту кабинет, ниту дидактички материјали, туку доволен е вашиот дом кој е одличен простор за раст и секако вашето свесно присуство кое не може да го замени никој друг. Лажица, чинија, огледало, облека,песничка пред спиење... сето ова може да биде алатка за стимулација кога знаете зашто го правите сето тоа, а терапевтот на вашето дете таквите сознанија ќе ви ги олесни.
Еве само неколку идеи кои можете да ги играте дома:
- Спиење:
Зборови кои ги кажувате: Добра ноќ,кревет,перница,ќебе,покривам,лежам...
Игра: Си играме со кукла која ја ставаме во креветчето да спие.
Звуци кои ги користиме: сссс и звук на рчење.
- Готвење:
Зборови кои ги користиме:
готвиш,правиш,сечеме,мешаме,пробај,вкусно,јадеш,пиеш... ги именуваме сите продукти и пијалоци кои ги употребуваме.
Игра: мешаме,ставаме во чинија, делиме,подобруваме внимание, концентрација, трпение,фини моторни движења...
Звуци: њам-њам,мммм
- Фарма:
Зборови кои ги користиме: Ги именуваме животните (Коњ, овца, крава, прасе, куче, маче, патка...)
Игра: Ги храниме животните,им даваме вода,ги чуваме, учиме за грижа, емпатија...
Звуци: Сите ономатопеи (бее-бее, ав-ав, мууу, мјау-мјау, ква-ква....)
- Роденден:
Зборови кои ги користиме: торта, балони, подароци, пееме, пиеме сок, јадеме, повели, благодарам...
Игра: Сечеме торта, танцуваме, ставаме сок послужуваме торта...
Звуци: Дуваме свеќички, се радуваме, пееме песнички, плескаме со рачињата...

Нашето искуство покажува дека кога родителите, но и сите членови на семејството и ние како стручен тим сме усогласени во пристапите кон детето вклучено во третман со логопед, специјален едукатор и рехабилитатор, психолог, но и со децата кои посетуваат дневен престој и работа во група подобрувањето е неминовно.
Во Тимот А добросостојбата на нашите дечиња е најважна, а нивните родители клучна поддршка.
Пишува: Јасна Недановска Петковски, логопед во ТИМОТ А
📞 075 317 241









