Како честите инфекции на уши влијаат на говорот и јазикот?
- Кидо Медо

- 5 days ago
- 2 min read
Знаевте ли дека говорно-јазичниот развој е директно поврзан со слухот?
Иако можеби не изгледа толку очигледно, честите инфекции на ушите можат да го афектираат развојот на говорот.
Во денешниот блог ќе ги разгледаме ефектите на воспаленијата на ушите, како можат навремено да се препознаат и што понатаму може да се преземе.
Што се случува при воспаление на уво?
Ушите се составени од три дела: внатрешно, надворешно и средно уво.
Воспаление на увото настанува кога вирусна или бактериска инфекција се создава најчесто во средното уво.
Кога инфекцијата ќе стигне до просторот зад тапанчето, може да предизвика натрупување течност, која може да го намали прагот на слухот, па дури и да доведе до губење на слухот и доцнење во говорот кај најмалите.
Во таков случај детето:
често препрашува што сте му рекле
не секогаш Ве разбира кога му зборувате, а притоа не сте свртени кон него
нејасно ги изговара гласовите
не ги достигнува развојните одредници согласно возраста.
Кои се вообичаени симптоми на инфекција на увото?
За жал, бебе или мало дете кое сè уште нема развиено говор нема да може да ви посочи дека го боли увото, па затоа е важно да се препознаат и некои посуптилни знаци:
треска
проблеми со спиењето
покривање на ушите со рацете
послаба реакција на звуци
плачење повеќе од вообичаено
истекување течност од увото
Важно е да се нагласи дека овие знаци не секогаш значат дефинитивна инфекција на увото, но секако вреди да се проверат.

Зошто на малите деца толку често им се воспалуваат ушите?
Главниот „виновник“ е т.н Евстахиева туба, мала цевка која го поврзува горниот дел на ждрелото, зад носот, со увото. Анатомски, кај децата таа сѐ уште е во развој и е поширока, покуса и похоризонтално поставена отколку кај возрасните, па лесно овозможува премин на секрет од носот кон увото, кој потенцијално носи патогени бактерии и вируси.
Што може да се преземе?
Доколку се сомневате дека Вашето дете има воспаление на увото, важно е веднаш да се обратите кај матичниот педијатар, кој ќе Ве упати кај ОРЛ спацијалист. Следете ги насоките на ОРЛ специјалистот во однос на третманот на инфекцијата и доколку забележувате потешкотии во говорот и јазикот, обратете се на логопед, со цел рана интервенција и третман на потешкотијата.

📞071 461-388



