Како децата учат да пишуваат (и зошто буквите доаѓаат последни)?
- Кидо Медо

- 6 days ago
- 3 min read
Кога станува збор за учењето на буквите, најчестото прашање што си го поставуваат родителите е „Кога?“ Сепак, сметам дека многу посоодветно е прашањето „Како?“
Пишувањето на буквите не е само познавање на азбуката или правилно држење на моливот. Пишувањето е моторна вештина, координација меѓу мозокот, раката и окото, и како и секоја вештина, се развива чекор по чекор. Кога ги брзаме децата директно на буквите, честопати ги прескокнуваме најважните основи. Затоа, сакам да ви предложам неколку чекори што можеби ќе ви помогнат во процесот.
Не почнувајте веднаш со буквите!
Една од најчестите грешки е започнувањето со формите на самите букви. Пред децата да можат да ги пишуваат буквите, на нивните раце им се потребни слобода, сила и самодоверба. Во оваа фаза, нема правилно или погрешно, само истражување. Пишувањето се учи преку движење, а не преку меморирање.

Започнете со слободно чкртање
Дајте му на вашето дете хартија, молив и боички и дозволете му слободно да чкрта. Несмасни движења, неуредни линии, кругови што не водат никаде – сето ова се чини многу хаотично и без никакво значење, но е премногу важно.
Слободното чкртање им помага на децата да ги зајакнат мускулите на рацете, да експериментираат со држењето на моливот и да стекнат самодоверба и радост во пишувањето. Тука започнува сè, иако не изгледа така.

Продолжете со контролирано чкртање
Штом ќе забележите одредена сигурност кај детето, почнете да воведувате блага структура. Остануваме на чкртањето, но сега детето треба да се обиде да чкрта или да бои во рамките на едноставни форми, без да преминува преку линиите.
Овој чекор учи контрола без притисок, внимание, фокус, почитување на просторот на хартијата. Секако, целта не е да се постигне совршенство, туку да се развие свест за тоа како изгледа пишувањето.

Следен чекор се линиите
Линиите се ’рбетот на секоја буква. Започнете со вертикални, хоризонтални линии и дијагонални линии. За да не му биде здодевно на детето, можете да го претворите ова во игра – цртање пат, скали, дожд или огради.
Детето сè уште не треба да пишува; само треба да држи насока.
Потоа линиите почнуваат да се заоблуваат
Кривите (заоблени) линии се мост помеѓу линиите и буквите. Вежбајте цртање „планини со заоблен врв“, „дупки“, виножита, спирали.
Ова е совршен момент да воведете и форми што личат на буквите C и S, без сè уште да ги нарекувате букви.
Вежбајте различни шари
Шарите му помагаат на мозокот да го предвиди движењето и да изгради ритам. Обидете се со: цикцак-линии, бранови, крукчиња, осмици.
Овие активности ја зајакнуваат координацијата и ја подготвуваат раката за непречено пишување.
Претпоследен чекор е поврзувањето точки
Започнете едноставно: детето да поврзува две точки за да нацрта линија. Потоа полека воведувајте шеми на точки што формираат различни форми, а подоцна и букви.
Овој чекор ги подобрува визуелното следење, концентрацијата и насоченоста. Децата почнуваат да разбираат дека линиите имаат почеток и крај.
Прво што почнуваме да пишуваме: името на детето
Името на детето е најзначајниот збор што тоа може да го научи. Тоа носи емоции, идентитет и гордост. Затоа, буквите од неговото име се првите букви што детето најлесно ќе научи да ги препознава. По нив, сите други букви доаѓаат полесно.
Пишувањето е патување и авантура, а не трка
Кога на децата им се даваат време, простор и вистинска насока, пишувањето станува природно, па дури и радосно.
Буквите од предизвик прераснуваат во приказна.

Ако сакате вашето дете да го доживее овој процес преку игра, движење и креативност, придружете ни се на нашата хуманитарна работилница за учење букви.
Деталите за регистрација се достапни на нашиот профил @pravopiszadeca.
Кристина Дукоска,
лектор, јазичен уредник и основач на „Правопис за деца“







