top of page

Интервју со Елена Бубало: Физичката активност е клучна од најрана возраст

  • 4 days ago
  • 2 min read

Дипломиран биохемичар со специјализација на ДИФ факултетот во Белград за групен и персонален тренер. Има повеќе од 15 години професионално искуство, главно како групен тренер, каде преку сопствената програма Total Body Workout by Bubalo работи со жени, мајки и девојки. Нејзината мисија е да го приближи рекреативниот спорт и здравиот начин на исхрана до секојдневниот живот преку едноставен, прифатлив и одржлив начин.


Елена смета дека вистинските резултати се постигнуваат без ригорозни диети, туку со редовно и паметно вежбање во комбинација со балансирана исхрана.



Како дојде до инспирацијата за отварање на детска сала?

Инспирацијата дојде од потребата да се пополни празнината која ја увидовме во понудата за детски развој и правилен раст. Детскиот развој може да се подели во фази на развој и според него и се водиме како би ги задржале децата заинтересирани во процесот и добиеме резултати кои се посакувани.


Како се прилагодени тренинзите за децата?

Тренинзите се со различно времетраење земајќи ја во предвид возраста на децата. За поголемите тој трае до 50 минути каде пак за помалите пократко каде што втората половина е насочена кон слободна игра и истражување на своите способности. Поставеноста е групна и секој си има однапред дефиниран термин и распоред во неделата. Сметаме дека на тој начин се креира и навика за обврска во секојдневието која е повеќе од потребна за децата.



Кои знаци и резултати најчесто ги гледате кај децата после тренинг?

Очигледното покачено расположение, енергија и задоволство се карактеристика на секоја физичка активност па така и тука е случај. Чувството на постигнатост кога ќе се совлада некоја пречка, вежба или полигон е единствено и токму тоа ја гради нивната самодоверба што е неопходно во текот на растењето. Така стануваат похрабри и решителни за совладување на пречките кои надвор од сала ќе ги сретнат.


Кои се вообичаени предизвици за родителите кога сакаат да ги вклучат своите деца во редовно вежбање и како ги решавате?

Стравот од непознато и нова околина е првата пречка која се јавува кај голем дел од дечињата и тоа е најчесто од моментот што ние како родители се однесуваме презаштитнички кон нив. Токму затоа на нашите тренинзи не дозволуваме присуство на родители и тоа е проблемот на почеток. Затоа првите неколку тренинзи дозволуваме децата да гледаат и само доколку сами сакаат да се вклучат во активностите. По поминувањето на овој момент следната тешка работа е да сакаат да си отидат.



Како родителите можат да им бидат пример на своите деца за здрав животен стил?

Ако некако можеме да им помогнеме на нашите деца да засакаат активност и вежбање нема подобар начин од тоа нас да не гледаат како истото го правиме идеално заедно што е можно почесто. На тој начин вежбањето и активниот ден ќе биде нормално во нивниот ден и самите ќе наоѓаат каде што и како да прават во таа насока.


Што би им препорачале на родителите кои се двоумат дали нивните деца се подготвени за вакви активности и која е најсоодветната возраст?

Не постои лошо време за активност на децата. Секој развоен период има посебни потреби и доколку тоа го препознаеме треба што почесто да ги изложуваме на активности кои ќе им помогнат во растот и развојот. Треба да се најде само место каде ќе се задржи интересот и со правилна насока и програма ќе им дадеме предуслов за здраво и среќно детство.

bottom of page