top of page

Интервју со Александра Трајковска од Академијата „Везден“: Готвењето е неверојатен тренинг за мозокот


Академијата за млади готвачи „Везден“ е место кое не е само кулинарска работилница, туку простор каде што децата ја развиваат својата самодоверба, трпение и љубов кон создавањето.


Во продолжение прочитајте подетално за Академијата, а и за тоа како менаџментот од врвниот сегмент на угостителството ја инспирирал Александра да создаде едукативен центар за најмладите, како готвењето влијае на академскиот успех и зошто „Везден“ е многу повеќе од забава.


ree

Александра Трајковска е магистер по менаџмент на човечки ресурси, долгогодишен угостител и мајка на две деца. По повеќе од една деценија успешно водење на рестораните „Везилка“ и „Дениција“, ја создава Академијата за млади готвачи „Везден“ кое е место каде што децата учат да готват, но и да веруваат во себе. Во кујната и во животот, таа ја следи истата филозофија: со трпение, љубопитност и љубов, секој резултат има посебен вкус. Кога не е во Везден, ја наоѓате на некоја планинска патека, каде што ја полни енергијата и инспирацијата за нови проекти.


Вие стоите зад успехот на етаблирани и познати ресторани за прослави, како Дениција и Везилка, каде што логистиката и менаџментот се клучни. Како Вашето менаџерско искуство во врвниот сегмент на угостителството Ве инспирираше да започнете сосем поинаков проект – Академијата за млади готвачи "Везден"?


По повеќе од една деценија во угостителството преку Везилка и Дениција, сфатив дека најубавиот дел од нашата работа е радоста што ја создава храната. Тоа чувство сакав да го пренесам на следната генерација. Везден е роден од желбата децата да ја доживеат кујната не како обврска, туку како свет каде што можат да се изразат, да истражуваат и да се гордеат со своите создадени нешта. Моето искуство во организација, тимска работа и внимание кон детали беше совршена основа да создадам место каде што дисциплината и креативноста се спојуваат во нешто навистина посебно.


Која е големата визија или позитивната промена што Везден сака да ја донесе во секојдневниот живот на децата и нивните семејства?


Нашата визија е едноставна: преку готвењето да ги поврземе децата со храната, со себе и со семејството. Кога децата учат да готват, тие развиваат трпение, љубопитност и чувство на одговорност. Родителите, пак, добиваат нова заедничка активност која ги зближува. Сакам Везден да биде место каде што секое дете ќе открие дека може многу повеќе од што мисли, само ако му се даде шанса.



Како готвењето влијае на академскиот успех и концентрацијата на децата?


Готвењето е неверојатен тренинг за мозокот. Во кујната детето учи да следи чекори, да мери, да организира време и простор, и да размислува логички. Тоа директно ја подобрува концентрацијата и фокусот особено кај децата кои инаку тешко се задржуваат на една активност. А кога зад крајот на процесот ќе добијат резултат што можат да го вкусат и споделат, чувството на постигнување е огромно.


Една од најголемите борби на родителите е справувањето со изразот „Не го јадам тоа јас!“ на трпезата. Како готвењето во Академијата помага да се премости јазот помеѓу детето и здравата храна? Дали децата пробуваат работи што дома ги одбиваат?


Во нашата кујна нема притисок, има љубопитност. Кога детето само ќе исече, замеси или украси нешто, тоа добива сосема поинаков однос кон храната. Многу родители се изненадени кога слушаат дека токму нивното дете, кое дома одбива зеленчук, во Везден ужива во салата што самото ја направило. Тајната е во чувството на контрола и гордост, кога храната станува нивно дело, а не наметната обврска.


Нудите уникатен концепт на роденденски прослави и работилници. Што добиваат децата кога го прославуваат својот роденден во кујна? Како готвењето како групна активност придонесува за социјализација и тимска работа?


Родендените во Везден не се само прослави, туку искуство. Децата заедно готват, се договараат, си помагаат, се смеат, тоа е тимска работа во највистинска смисла. На крај, нивната „торта“ не е купена, туку создадена со нивни раце. Таа комбинација на креативност, забава и соработка им остава траен спомен и гради вредности кои не се забораваат.


ree

Често се нагласува дека курсевите не се само забава, туку инвестиција. Како би ги советувале родителите дека оваа академија е исто толку важна инвестиција децата?


Везден не е само забава по часови. Тоа е училиште за животни вештини, самостојност, одговорност, креативност, тимска работа. Родителите кои вложуваат во вакви искуства, всушност инвестираат во карактерот и самодовербата на своето дете. Готвењето е алатка, но целта е многу поголема: да израснеме генерација што знае да создава и да ужива во процесот.


Која е Вашата визија за иднината на Везден? Дали планирате да ја проширите програмата со нови курсеви, можеби за повозрасните?


Ова е само почеток. Планираме нови нивоа и програми односно сезонски курсеви и работилници за повозрасни деца, па дури и за родители и тинејџери заедно. Везден ќе расте во чекор со децата што растат со нас. Целта е да создадеме заедница каде што готвењето ќе биде начин на поврзување, а не само потреба.


ree

Како жена-претприемач, соочена со предизвикот да го основате и водите Везден, кои беа најголемите предизвици и како ги надминавте? Кој е Вашиот совет за други жени кои се двоумат дали да ја напуштат сигурноста на вработувањето и да започнат свој бизнис?


Секој нов почеток бара храброст, особено кога веќе имаш стабилен бизнис зад себе. Најголемиот предизвик беше да излезам од зоната на сигурност и да вложам во нешто сосема ново, нешто што тогаш никој во Македонија не го правеше. Но, верував во идејата и во тимот што ме опкружува.


Мој совет за жените е: никогаш не чекајте „совршен момент“, тој не постои. Моментот станува совршен кога вие ќе преземете иницијатива.

bottom of page