Александра од PeekA'Boo Photography: Фотографиите се повеќе од клик, тие ги чуваат емоциите и семејните приказни
- Кидо Медо

- Dec 4, 2025
- 3 min read
Александра е фотограф која зад објектив е уште од своите 15 години. Почнува со свадбена фотографија, потоа патува и работи како travel фотограф, а последните осум години ѝ припаѓаат речиси целосно на детската и семејната фотографија.
Природно креативна, позитивна и easy-going, таа најлесно се поврзува токму со луѓе, особено со деца, што ѝ помага да создаде опуштена атмосфера и да фати вистински, спонтани моменти.

За неа фотографијата е повеќе од работа: тоа е можност да се зачуваат емоции, да се запамтат семејни моменти и да се раскажат мали, но значајни приказни од секојдневието. Во ова интервју, Александра открива како изгледа нејзиниот процес, што ја инспирира и кои се предизвиците и убавините на професијата што ја избрала.
Ти си присутна на најубавите и најемотивните моменти во животот на луѓето од први родендени, годишнини до семејни собири. Како ја гледаш својата улога во тие прослави? Како се поврзуваш со семејствата за да ја фатиш нивната автентична среќа?
Баш пред неколку дена добив преубав feedback од клиенти, дека се чувствувале многу пријатно покрај мене и дека сум успеала да ги опуштам. И искрено, тоа ми е најважната цел при секое фотографирање, да се стекне доверба помеѓу мене и луѓето што ги фотографирам. Кога ќе се почувствуваат сигурно и удобно со мене, тогаш вистинските емоции излегуваат природно. Бидејќи сум дел од некои од најубавите и најемотивните моменти во нивните животи, од први родендени до важни семејни прослави, сакам тие мигови да ги доловам автентично, баш онака како што тие ги доживуваат.
Работењето со деца на родендени и фотосесии е предизвик сам по себе. Кој е твојот начин за да ги опуштиш децата и да добиеш искрени и весели фотографии, дури и кога тие не се расположени?
При работењето со деца секогаш си го повторувам најважното правило: тие се деца, и треба да останат деца. Секогаш се трудам фотографирањето да им го претворам во игра, во нешто забавно и без притисок. Тоа постојано се обидувам да им го објаснам и на родителите, затоа што ако тие се опуштени, и децата многу полесно ќе се опуштат. Фотографирањето може да биде голем притисок за нив, па затоа најважниот дел е токму да ги ослободиме од тој притисок. Ги оставам да трчаат, да се смеат, да се лутат, да бидат тоа што се.
Живееме во дигитална ера каде што секој има телефон полн со слики. Како им ја објаснуваш на клиентите суштинската разлика и трајната вредност на една професионална фотографија во однос на ‘инстант’ сликата од телефон?
Иако живееме во дигитална ера, каде што сите имаме телефони полни со слики, често ја забораваме суштинската разлика помеѓу телефонска фотографија и професионална. Искрено, ние фотографите многу често си коментираме меѓусебно колку нашата работа знае да биде потценета, баш поради тоа што денес секој држи камера во џеб. Но, како и секоја професија, и оваа треба да се остави на професионалците.На клиентите секогаш им кажувам една проста, но вистинита работа: на крајот од денот, единственото нешто што останува од било кој настан роденден, крштевка, свадба се токму фотографиите и видеата. Тоа е она што ќе го сочуваат, што ќе го покажуваат и што ќе трае.
Професионалец знае како да долови моменти, светлина, емоција и динамика на начин што не може да се повтори со телефон.

Кој беше најголемиот предизвик во транзицијата од хоби до сопственик на бизнис и што е најважното што си го научила за цената и вредноста на твојата работа?
Најголемиот предизвик во мојата транзиција од хоби до сопствен бизнис беше да ја научам вистинската вредност на мојата работа. Кога работиш нешто што го сакаш, често несвесно го потценуваш трудот, времето и вештината што ги вложуваш. Со текот на времето сфатив колку е важно да ја вреднувам секоја услуга, секој час и секоја енергија што ја давам. Тоа ми помогна да пораснам и како фотограф и како претприемач.
Дали можеш да издвоиш еден тип на фотографски проект или тема кој го работиш со најголема љубов, преференција и кој те исполнува највеќе?
Ова е креативна професија, а кај креативноста најчесто се водиме со срце и емоции. Затоа омилениот тип на фотографски проект многу често зависи од тоа како се чувствувам во дадена година. Иако уживам во сите типови на фотографија, годинава најголема љубов ми се крштевките. Во нив има нешто многу посебно, нежни моменти, духовност, семејна радост и чиста детска енергија.
Неодамна ја објави големата вест за отворањето на студиото, што е огромен чекор! Кои се твоите непосредни планови за следниот период?
По објавата за новото студио, мојот прв план е да го средам токму онака како што отсекогаш сум го замислувала: cosy, топло, со атмосфера која ќе потсетува на дом. Сакам луѓето да влезат и веднаш да почувствуваат удобност и блискост, таква средина создава најубави фотографии. А веќе на пролет подготвувам еден поголем outdoor проект кој ќе ја спои студиската атмосфера со природна светлина и надворешна енергија.
Мислам дека ќе биде нешто навистина посебно.
📞078 444 692















