Интервју со Александра Бела: URMA не е само бизнис, туку инспирација за секоја современа жена
- Кидо Медо

- Feb 6
- 4 min read
Светот на претприемништвото бара дисциплина и фокус, но кога на тоа ќе се додадат чувството за естетика и мајчински инстинкт, се раѓа нешто посебно.
Александра Бела Белчева Атанасовска по вокација е специјалист по криминалистички науки, но нејзиниот професионален пат ја води во сосема поинаква, покреативна насока. Денес, таа успешно менаџира три различни бизниси, меѓу кои и омилената дестинација за сите љубители на квалитетот, концептуалната продавница URMA.
Од идеја родена помеѓу две сестри, до бренд кој стана синоним за софистициран маркетинг и беспрекорен избор на производи, Александра ни ја открива магијата зад URMA.
Во ова интервју зборуваме за предизвиците на мајчинството, силата на женското претприемништво и рецептот за создавање бизнис кој луѓето едноставно го обожуваат.
Taa во моментов успешно менаџира три различни бизниси додека се труди да биде добра мајка, сопруга, ќерка и пријателка.

Како се роди идејата за URMA и колку вашата улога како мајка беше пресудна во изборот токму на овој концепт и специфичните категории на производи кои ги нудите?
Најпрво, ви благодарам за поканата да споделам дел од мојата приказна и моите почетоци во светот на бизнисот и честитки за платформата Kидо Медо, супер концепт што ни недостасуваше. Идејата за URMA произлезе од животниот стил кој го имавме мојата сестра и јас. Таа воедно и е мојата партнерка во приказнава. Двете имаме слични навики и практикуваме исти рутини, сакаме и купуваме исти производи кои ги користиме во нашиот секојдневен живот, па така решивме да создадеме место со поинаков концепт во кои ќе понудиме портофлио од различни категории кои го олеснуваат и подоруваат животот. Во периодот кога URMA беше основана, јас се остварив во улогата на мајка и секако дека категоријата Мајки и деца во тој период ми беше омилена.
Вашата платформа е препознатлива по внимателно одбрани, квалитетни брендови. Кои се критериумите кои еден производ мора да ги исполни за да стане дел од семејството на URMA?
Во нашата продавница најголема предност имаат македонските брендови и мали бизниси кои се козистентни во својата работа, нудат квалитет и точно знаат како сакаат да ги градат и развиваат своите приказни. Покрај овие приказни исто така нудиме и производи кои се Светски познати и како увозници се трудиме да ги доближиме на купувачите на нашиот пазар. Тоа се најчесто производи кои и ние самите ги користиме, ни решиле некаков проблем или ни го олесниле животот па сакаме да го пренесеме нашето искуство и на други преку тоа што ќе им овозможиме да си ги купат во својата држава.

Имате навистина автентичен маркетинг кој естетски се издвојува на македонскиот пазар. Колку е тешко да се одржи тоа ниво на креативност и дали вие лично стоите зад визуелната насока на брендот?
Ви благодарам на убавите зборови! Комплиментите за овој сегмент од нашето работење навистина ни значат, бидејќи вложуваме огромна енергија и труд, свесни дека крајниот резултат е она што нè издвојува.
За Маркетингот на URMA сме задолжени Стела, Мона и јас но свој допринес даваат и другите членови од тимот, Ема и Анастасија, па може да се каже дека сите заедно стоиме позади оваа приказна и баш поради сме препознатливи во тоа што го правиме. Интересно е што, иако не сме маркетинг агенција и тоа не е нашата примарна дејност, често добиваме покани за ангажман во надворешни маркетинг кампањи. Ваквите проекти секогаш ги прифаќаме како возбудлив предизвик кој со задоволство го реализираме. На прашањето дали е тешко да се одржи високото ниво и да се следат современите трендови, би одговорила нескромно, но искрено, не. Причината е едноставна, нашата работа неизмерно нè исполнува, па секој нов предизвик го совладуваме со леснотија и вистинско уживање.
Како е да се биде жена претприемач во Македонија денес? Кои беа најголемите „лекции“ што ги научивте додека го градевте бизнисот во нашата економска клима?
Јас лично сум немала проблем во градењето на мојот бизнис во Македонија затоа што не го признавам и не го регистрирам фактот дека може да постои родова нееднаквост. Свесна сум дека постои, но едноставно не дозволувам тоа да биде дел од мојата приказна. URMA 100% ги поддржува женските бизниси и секогаш како компанија и тим ќе се залагаме за рамноправност.
Како изгледа еден работен ден на мајка која менаџира успешен бизнис? Постои ли рецепт за добра организација или сè се сведува на приоритети и брза адаптација?
Искрено, менаџирање со времето не ми е најјака страна и сум во постојана борба за рутина и трка со времето. Мојот ден започнува доста рано, со обврски околу семејството и домот, време за себе, работа и повторно семејни обврски. Она од кое што никогаш не сум се откажала и нема да се откажам е времето поминато во дружење со моите пријатели и мислам дека тоа е тоа што ми дава сила за да ги вршам и останатите работни обврски.

Што би и порачале на секоја мајка која во моментов има идеја, но се плаши да го направи првиот чекор кон сопствен бизнис?
Ги охрабрувам сите жени кои сакаат да основаат свој бизнис или се во рана фаза на истиот да бидат храбри и истрајни во своите одлуки и доколку имаат било каков проблем од оваа тема јасно и гласно да зборуваат за истото.
А доколку се двоумат, им порачувам слободно да ми се обратат за да ги охрабрам!

📞076 383 888









