top of page

Интервју: Како Ана и „SmartyKids“ го отклучуваат потенцијалот на најмладите

Запознајте ја Ана Неделковска, професионалец која во светот на раното образование вешто ја спојува математичката прецизност со детската имагинација. Нејзиниот центар во Радишани не е обична училница, туку „лабораторија“ каде низ игра, истражување и методологијата на SmartyKids, децата ја градат својата самодоверба.

Ана ги учи најмладите на јазикот на логиката, без страв од грешки и со многу љубопитност. Во ова интервју разговараме за тоа како математиката станува забава и како преку истражување на планетите и микросветот, се поставуваат темелите за доживотна љубов кон учењето.


Од каде се роди идејата за вашиот едукативен центар и која е главната мисија што ве води во секојдневната работа со дечињата?

Идејата за отворање на едукативниот центар произлезе од моето долгогодишно искуство како наставник. Во текот на тие години имав можност одблиску да увидам дека децата најлесно и најприродно учат кога се мотивирани, кога се чувствуваат вклучени и кога активно учествуваат во процесот на учење.

Најбрзиот и најприроден начин тоа да се постигне е преку игра, внимателно осмислена и прилагодена на возраста, интересите и развојното ниво на детето.

Кога ја запознав методологијата на SmartyKids и видов колку природно се совпаѓа со вредностите во кои верувам и кои веќе ги применував во работата со деца, знаев дека тоа е патот по кој сакам да продолжам.

Мојата главна мисија е да создадам средина во која децата ќе развијат љубов кон учењето – место каде што ќе мислат, ќе прашуваат, ќе истражуваат, ќе грешат и ќе учат без страв, со поддршка и охрабрување. Верувам дека токму таквиот пристап им помага, особено на децата од претшколска возраст, со самодоверба и сигурност да се вклучат во образовниот процес и понатаму.


Математиката често се нарекува јазикот на универзумот. Зошто е важно децата да ги разберат математичките поими уште од најрана возраст (3–5 години)?

Во најраната возраст математиката е многу повеќе од броеви и задачи. Таа е алатка преку која децата го градат начинот на размислување, логиката и способноста да решаваат проблеми.

Преку математиката, но и преку играта како основен метод, децата развиваат концентрација, меморија, критичко размислување и самостојност. Тие не учат „само математика“, туку учат како да учат.

Периодот од 3 до 5 години често се нарекува „златен прозорец“ во развојот, бидејќи мозокот интензивно создава нови врски. Кога во овој период децата се запознаваат со математички и логички поими преку игра и позитивно искуство, тие градат цврст темел за понатамошното учење и поголема самодоверба во иднина.



Програмите Smartimatika и Ментална аритметика звучат предизвикувачки. Како ги доближувате тешките математички концепти до децата на разбирлив и забавен начин?

Основата на нашиот пристап е искуственото учење – learning by doing, каде што детето е активен учесник, а не пасивен слушател. На почетокот од часот ги воведуваме главните поими, а потоа просторот го организираме така што децата преку игра и истражување самите ги совладуваат тие концепти.

Материјалите се распоредени низ просторот, а децата работат индивидуално или во мали групи, преку движење, допир и практична примена. Така математиката станува нешто што се доживува, а не само нешто што се објаснува.

Програмата по ментална аритметика е појасно структурирана, но и таму внимаваме на мотивацијата. Пауза од 30 минути ја користиме за логички игри, активности за концентрација, LEGO предизвици и конструктивни задачи, со цел децата да останат фокусирани и мотивирани во текот на целиот час.


Обработувате и теми како планети, микроорганизми и животни. Колку е важна оваа тематска поврзаност за љубопитноста кај најмалите?

Децата по природа се исклучително љубопитни и со големо нетрпение чекаат да откријат што ново ќе учат. Програмата Smartimatika е насочена кон математички концепти, но нуди голема слобода во изборот на активности преку кои тие се реализираат.

Таа слобода ја користам за да вметнам и теми од природните науки. На пример, при изучување на поимите поголемо и помало, ги користевме планетите, ги учевме нивните имиња, ги редевме по големина и редослед и зборувавме за Сончевиот систем. На следниот час се запознавме со микроорганизмите, ги набљудувавме под микроскоп и зборувавме за нивната улога, и корисна и штетна.

Ова е пример како една математичка програма може да се прошири во целосно, поврзано и смислено искуство за учење.


Колку се важни фината моторика и фокусот во раното детство и какво влијание имаат врз когнитивниот развој?

Фината моторика, фокусот и когнитивниот развој се тесно поврзани. Преку активности како сечење, лепење, моделирање и редење, децата ја развиваат координацијата и прецизноста, што подоцна директно влијае на пишувањето и учењето.

Фокусот се гради преку јасно осмислени задачи со цел и структура. Креативните изработки кај нас не се само „креативни“, тие се внимателно планирани активности со конкретна образовна цел, исто како и секоја друга активност во наставата.

На тој начин децата учат да истраат, да размислуваат и да го довршат започнатото, што има долгорочно позитивно влијание врз нивниот когнитивен развој.



Родителите често бараат „повеќе од само градинка или училиште“. Што ве прави уникатни и зошто индивидуалниот пристап е приоритет?

Иако не сум направила детална споредба со другите едукативни центри, можам да кажам дека она што го одликува SmartyKids, е мултидисциплинарниот пристап и вниманието кон индивидуалните потреби на секое дете.

Програмата не се следи слепо, туку се прилагодува според составот на групата, темпото на децата и очекувањата на родителите. Активностите се внимателно осмислени и флексибилни, со цел секое дете да напредува на начин кој му одговара.

Индивидуалниот пристап е приоритет затоа што веруваме дека секое дете има свој ритам на учење и заслужува поддршка во тој процес.


Каква промена најчесто забележуваат родителите кај своите деца по неколку месеци поминати во вашиот центар?

Најчесто родителите забележуваат позитивен пристап кон учењето. Децата доаѓаат со радост, љубопитност и желба да учат нешто ново.

Се подобрува концентрацијата, логичкото размислување и самодовербата. Децата полесно поставуваат прашања, не се плашат да направат грешка и со поголема сигурност пристапуваат кон нови предизвици.

Тоа е знак дека учењето го доживуваат како природен и позитивен процес – темел кој им користи цел живот.



SmartyKids Радишани

078 438 206

bottom of page