top of page

Интервју со д-р Соња Чаловска од приватната градинка „СПИРИТ“: Да создаваме генерации со кои ќе се гордееме!

Updated: Oct 30

Во следното интервју, ќе дознаеме повеќе за развојот на програмата на приватната градинка „СПИРИТ“, нивниот флексибилен пристап кон дневниот распоред, важноста на соработката со родителите како семејство и клучните стратегии за успешна адаптација.


Разговаравме со Соња Чаловска, Доктор на педагошки науки и истакнат експерт со над две децении искуство во предучилишното образование. Д-р Чаловска е Основач и Управител на Приватната детска градинка „СПИРИТ“, со соодветна лиценца за директор и педагог. Таа исто така е и ко-основач на Асоцијацијата на приватни детски градинки „ПОЛЕТ“.

Со богато искуство како воспитувач и негувател, таа активно го применува истражувачкото знаење од својата докторатура за „Моделирање на пристапи кон учењето кај предучилишните деца“. Нејзината посветеност на квалитетот е видлива низ нејзините професионални ангажмани од Филозофскиот факултет, но и како автор/коавтор на бројни стручни публикации и дидактички материјали, што ја прави исклучително релевантен соговорник за иднината на раниот детски развој.



Колку долго постои вашата градинка и како се развивала Вашата програма низ годините? Која е Вашата визија за иднината?


Детска градинка „СПИРИТ“ е основана во 2012 година, дизајнирана и посветена на децата од предучилишна возраст.

Низ годините брендиравме уникатен модел на градинка, преку својот тематски и интегриран курикулум креиран за хетерогени групи. Стимулативната средина и нашиот модел се специјално дизајнирани да ги поттикнуваат критичкото, креативното и конструктивно мислење и делување кај децата од предучилишна возраст. 

Нашата визија е да го поттикнеме развојот на одредени вредности, знаења, карактеристики и пристапи кај децата кои ќе траат во текот на нивните подоцнежни години. Квалитети кои значително ќе влијаат и ќе придонесат за развојот на детскиот потенцијал.

Да создаваме генерации со кои ќе се гордееме.


ree

Како е организиран дневниот распоред на децата, вклучувајќи ги времето за спиење, оброците и играта на отворено?


Дневниот распоред е дефиниран како во секоја градинка со одредено време за активности, едукација, игри и одмор. Сепак ние имаме флексибилна организација која ни овозможува да се прилагодиме на специфичните потреби на секое дете, притоа обезбедувајќи хармонично и ефективно искуство за социјализација и учење. 

Со инкорпорирање на интересни игри, активности за игра и во градинката и во природните средини, како и со заеднички проекти во кои се вклучени родителите и различни институции, истражуваме области и теми кои го привлекуваат интересот на децата.


Која е основната едукативна програма која ја следите и кои се најчестите дневни, неделни или месечни активности и работилници кои ги спроведувате за децата, со фокус на нивниот развој? 


Нашиот модел на програма се темели на Програмата за учење и развој, во кој се имплементирани позитивните елементи на светски познатите и применети педагошки модели, преку внимателно избрани теми кои се во фокусот на детскиот развој и интереси, што ни овозможува холистички да влијаме врз сите аспекти на развојот на децата.


Кои мерки ги преземате за одржување на безбедна и здрава средина, особено во текот на сезоните на настинки и грип?


Здравствената состојба на децата сметаме дека е одговорност на родителите. Доколку родителите ни донесат дете со влошена здравствена состојба, можно е тоа да влијае врз останатите деца. 

За среќа нашите родители се многу одговорни и до сега не сме се соочиле со ваков тип на проблем. Доколку детето е отсутно, тие секогаш уредно ни носат потврда од матичен лекар дека детето е здраво за да продолжи да посетува градинка или пак доколку е сомнителна здравствената состојба, превентивно го задржуваат дома. 

Оттука можам да заклучам дека имаме навистина безбедна и здрава средина по заслуга на нашите родители.


ree

Како го избирате и обучувате вашиот воспитен кадар? Кои квалификации ги поседуваат и какви можности за континуиран професионален развој им обезбедувате?


Воспитно-згрижувачкиот кадар мора да поседува лиценца за работа со предучилишни деца. Ние внимателно го избираме кадарот бидејќи сметаме дека лиценцата не е мерило за добар учител. Добриот учител најпрво треба да има огромна љубов кон децата и тоа не се учи, туку едноставно се раѓаш таков. И на учителите им треба период на адаптација, но верувајте таа “обука” е доста интензивна и огромен предизвик. Сепак тој што сака да биде учител за кратко време станува успешен и омилен кај децата. Професионалното усовршување се одвива преку учество на научни конференции, семинари и стручни трибини од областа на педагогијата.


Каков е вашиот пристап кон комуникацијата и соработката со родителите? 


Комуникацијата со родителите ни е на највисоко ниво, тие не се наши “клиенти” тие се наши соработници и пријатели, ние сме како едно семејство. Имаме многу убаво дружење во и надвор од градинката, а на пролет планираме и да направиме еден заеднички викенд родители, деца и учители на камп.


Како изгледа процесот на адаптација за нови деца, особено за оние кои првпат доаѓаат во градинка? Кои стратегии ги користите за да обезбедите лесна интеграција и чувство на припадност?


Во процесот на адаптација најважно од се е родителот да има донесено стабилна одлука. Колку и да е мало детето, потребно е да му даде на знаење на детето дека оди во убава средина каде што ќе има многу игри и деца. Сепак, детето најпрво треба да ја има довербата кај родителот. 

Кај нас адаптацијата е доста лесна и трае околу една недела поради тоа што имаме хетерогени групи. Поголемите деца многу ни помагаат во прифаќањето на ново другарче и со оглед на позитивната атмосфера во градинката. Во тој период новите деца бараат многу љубов, гушкање и игра која ние безрезервно им ја даваме.


📞072 304 037


bottom of page