top of page

Интеграцијата на детскиот мозок: како секојдневните ситуации го градат емоционалниот и интелектуалниот развој

Како наставник, а денес и како родител, со години читам литература поврзана со развојот на детето, емоционален и интелектуален. Меѓу многуте теми што ме фасцинирале, особено значајна ми е темата за интеграцијата на мозочните делови и нејзината улога во здравиот детски развој.



Како едукатор во SmartyKids, постојано истражувам и применувам различни техники за истовремено активирање и интегрирање на деловите од мозокот, во рамки на програмата, темата и времето што го имаме на располагање. Но сè повеќе станувам свесна дека родителите имаат уште поголеми можности, затоа што секојдневно се соочуваат со реални ситуации, прилики и неприлики кои се случуваат во животот на нивните деца.

Наместо на тие моменти да гледаме како на проблем или товар, можеме да ги претвориме во искуства што го развиваат мозокот, вештините и карактерот на детето.


Зошто интеграцијата на мозокот е толку важна?

Интеграцијата значи меѓусебно поврзување и усогласено функционирање на различните делови од мозокот. Кај децата, ова поврзување не се случува автоматски, се гради постепено, преку искуства и поддршка од возрасните.

Хоризонталната интеграција се однесува на поврзувањето на левата и десната страна на мозокот. Левата страна е поврзана со логиката, јазикот, редоследот и значењето, додека десната страна ги обработува емоциите, сликите, телесните сензации и интуицијата.

Вертикалната интеграција се однесува на поврзувањето на долниот, инстинктивен мозок со горниот, мислечки мозок. Кога овие делови не се интегрирани, често се појавуваат тантруми, импулсивно или агресивно однесување и реакции кои за возрасните се особено предизвикувачки.



Како искуствата го оформуваат детскиот мозок?

Детскиот мозок не се развива преку совршени и мирни ситуации, туку преку реални искуства. Секој конфликт, страв, разочарување или непријатен момент претставува можност мозокот да научи како да се регулира и да изгради отпорност.


Не можеме, ниту треба, да ги заштитиме децата од сите тешки моменти. Но можеме да одлучиме како ќе ги водиме низ нив.Смирување на силните емоции преку раскажување

Една техника која свесно се трудам да ја користам секогаш кога имам прилика и кога ситуацијата е соодветна е смирување на силните емоции преку раскажување.

Замислете дете кое доживеало непријатна или негативна ситуација, било исмејано, оттурнато, уплашено или засрамено. Како родители, често инстинктивно се обидуваме да го заштитиме детето така што му го пренасочуваме вниманието или ја минимизираме ситуацијата со реченици од типот „не е ништо страшно“ или „ајде, заборави“.

Иако добронамерно, на овој начин останува активна само десната страна од мозокот, страната која ги чува сликите, стравот, срамот и непријатните емоции. Искусеното не се обработува, туку останува „заглавено“.

Кога, пак, го поттикнуваме детето да ја раскаже случката, да се присети што се случило и како се чувствувало, ја активираме левата страна од мозокот, делот што ги подредува деталите, им дава редослед и значење. Така се случува хоризонтална интеграција: логиката се поврзува со емоциите.


На овој начин децата ги „џвакаат“ тешките искуства, им даваат смисла и постепено ги надминуваат, наместо да го носат стравот и непријатноста скриени во себе.


Како родителите можат да ја поддржат интеграцијата дома?

Интеграцијата на мозокот не бара посебни вежби или дополнително време. Таа најчесто се случува во обични моменти, токму тогаш кога детето е вознемирено, луто или фрустрирано.

Првиот чекор е да застанеме и да ја признаеме емоцијата, наместо веднаш да ја решаваме ситуацијата. Кога детето ќе почувствува дека е разбрано и безбедно, горниот, мислечкиот мозок полесно се активира.


Потоа, без притисок, можеме да го охрабриме детето да раскаже. Тоа може да се случи преку разговор, но и преку цртање, игра или симболична приказна. Не е важно колку е „точна“ приказната, туку како детето ја доживеало ситуацијата.

Со ваков пристап, детето постепено учи да ги препознава и именува своите чувства, а тоа е основата на саморегулацијата и емоционалната зрелост.

Секојдневните ситуации, и убавите и тешките, не се пречка во развојот.

Тие се најмоќниот материјал со кој се гради детскиот мозок.


Пишува

Ана Неделковска

078 438 206

bottom of page