"Едукативен Тим А" за важноста на предучилишното воспитание и образование
- Кидо Медо

- Oct 31
- 2 min read
Предучилишното образование не е само подготвителен период пред тргнување во училиште, тоа е темелот врз кој се гради целата личност на детето. Во најраните години, кога светот за децата е бескрајна авантура, секој допир, збор и игра стануваат алатки за учење, развој и раст.
Децата на предучилишна возраст учат преку игра – таа е нивниот јазик, нивниот прв начин на комуникација со светот. Преку играта тие откриваат бои, облици, броеви, но уште поважно, учат да споделуваат, да соработуваат, да се изразуваат и да ги препознаваат своите емоции. Воспитувачите во овој процес не се само „учители“, туку и водичи, поддржувачи и луѓе кои инспирираат и кои со љубов и посветеност го обликуваат карактерот на идните генерации.
Предучилишното воспитание е и првата средба со структурирана средина – место каде децата почнуваат да развиваат чувство за одговорност, ред и самостојност. Истражувањата потврдуваат дека децата кои посетуваат предучилишна установа подоцна покажуваат подобри академски резултати, поголема социјална зрелост и поголема самодоверба.

Водејќи се од овие факти, во Едукативен Тим А, покрај дневниот престој кој го сочинуваат групи составени од мал број на деца од рана, предучилишна и училишна возраст, се реализираат и едукативни групи кои се насочени кон подготовка на идни првачиња, со цел новите почетоци како за децата, така и за родителите да бидат полесен предизвик.
Наша цел е да потсетиме дека највредното нешто што го носи предучилишното образование е љубовта кон учењето. Кога детето уште од мали нозе ќе научи дека знаењето е возбудлива игра, тогаш тоа учење ќе биде негов природен начин на живеење – цел живот. Затоа, да гледаме на предучилишното образование не како обврска, туку како инвестиција во иднината – во насмеани, љубопитни и сигурни деца кои ќе растат во луѓе што знаат да сакаат, луѓе кои креативно ќе размислуваат и луѓе кои со чувство на слобода ќе создаваат.
Со Тимот А и Едукативен Тим А - полесно е растењето!
Пишува: Ева Спирковска, професор по предучилишно воспитание во Тимот А









