top of page

Азбука, броеви, форми: Кога детето навистина треба да ги знае?

„Ја научивме целата азбука на македонски и на англиски јазик, ги препознава сите форми од круг до петаголник и ги знае броевите до 100, а само што наполни 3 години.“



Изјавите слични на оваа се поприлично чести за време на логопедските прегледи во текот на праксата. На прв поглед изгледа дека детето штом ги совладало овие нешта, има сосема соодветен тек на говорно – јазичниот развој, па дури и дека ги надминува своите врсници.


Но, навистина ли е тоа така?


Во денешниот блог ќе разјасниме која е реалната важност на азбуката, броевите и формите во развојот, како и кои се целите кои детето треба да совлада пред тие воопшто да настапат.

Азбуката, броевите и формите се важни, бидејќи ја даваат основата за понатамошните академски вештини кои ќе му бидат потребни на детето. Имајќи го ова предвид, важно е да се нагласи дека:


  1. Азбуката, броевите и формите немаат „реална“ комуникациска функција.


Барем не самите по себе. Нивната главна улога е именување, па понатаму логика, математички вештини и слично, кои, иако се несомнено важни, не му даваат на детето вокабулар со кој може да си ги искаже потребите, желбите и мислите.


  1. Малите деца не секогаш ги разбираат вистински


За буквата да добие значење потребно е да се поврзe со гласот од нашиот гласовен систем. Детето за тоа е најчесто подготвено по 5-тата година. Броевите пак, потребно е да се поврзат со количина, па оттука е важно детето да може да брои пред да ги именува броевите, нешто што започнува на околу 4 – годишна возраст. Детето треба да почне да сортира (без потреба од именување) форми најдоцна до околу 2 години. Тоа значи дека мало дете само ги препознава буквите и бројките (благодарение на визуелната меморија), без да го разбере нивното вистинско значење и секојдневна употреба. 


Што тогаш е потребно во раните години?

Секако, доколку детето сака да ги учи буквите или има интерес во пишување броеви, може да се поддржи во тоа. Но, предност даваме на:

  • збогатување на фондот на зборови (именки, глаголи и придавки од секојдневието);

  • користење на наученото во комуникациски цели (искажување потреби, желби и мислења);

  • равивање на раната логика и поддршка на когнитивниот развој (сортирање по боја, форма, редење коцки и сл.);

  • следење на природниот тек на детскиот развој.



За убаво детство и забавно учење,


Ваш логопед Ивана

bottom of page