Bento Baby Cakes: Од мајчинска љубов до слатки ремек-дела
- 5 days ago
- 2 min read
Запознајте ја Ивона Родиќ, креативната сила зад Bento Baby Cakes која го претвори своето хоби во вистинска љубов.
Сè започна со спонтана инспирација од минималистичките и емотивни бенто торти, но вистинскиот импулс го доби од нејзината ќерка. Желбата да ѝ подари незаборавни моменти и искрени насмевки ја инспирираше да создава уникатни торти кои носат топлина и радост. За помалку од една година, Bento Baby Cakes стана симбол за слатки изненадувања и убави спомени, пренесени од едно семејство на друго.
Бенто тортите се релативно нов тренд кај нас. Колку се популарни и како ја оценуваш побарувачката во Македонија?
Да, навистина се нов тренд, но интересот расте изненадувачки брзо. Без никакво рекламирање, секојдневно добивам нови нарачки. Луѓето бараат нешто уникатно особено сега мајките за своите малечки, што ќе можат да го споделат на социјалните мрежи, а бенто тортите, иако мали, привлекуваат големо внимание. Побарувачката сѐ уште не е на нивото на класичните торти, но се зголемува со секоја нова објавена креација.
Колку време е потребно за изработка на една бенто торта? Кој е најкомплицираниот дел од процесот, а кој е најзабавниот?
За една торта да се склопи, ми се потребни околу 3 до 4 часа за целосна изработка, од печење на пандишпанот, подготовка на филот, обликување, декорирање, па сѐ до финалните детали. Процесот обично го распоредувам во два дена, затоа што тортата треба да одстои во фрижидер преку ноќ за да се стабилизира и да биде подготвена за понатамошна работа. Затоа и за нарачка е потребно најмалку 2-3 дена однапред во зависност и од другите торти во тој ден.
За какви пригоди најчесто се нарачуваат твоите бенто торти? Можеш ли да ни споделиш некоја интересна нарачка или посебен дизајн што ти оставил впечаток?
Најчесто се нарачуваат за родендени, годишнини, предлози за брак, љубовни пораки, означување на месечници за бебиња и разни креативни изненадувања со посебно значење, како и за моменти без причина. Интересно ми е што често добивам нарачки со пораки или дизајни чие значење не го знам, тоа се мали, интерни шеги меѓу парови или пријатели.
Дали бенто тортите се само тренд или веруваш дека ќе станат дел од нашата традиција?
Што ги прави толку посебни во споредба со класичните торти?
Мислам дека ќе останат и по трендот, затоа што се практични, персонализирани и имаат уникатен шарм. Посебни се затоа што нудат интимно и персонално искуство, не се наменети за 30 гости, туку за неколку драги луѓе. Тоа им дава топлина која класичните торти понекогаш ја губат во својата големина и формалност.
Зошто да изберете Bento Baby Cakes?
Љубов и посветеност: Секоја торта е направена со многу љубов, инспирирана од желбата да се усреќат најблиските.
Емоционална вредност: Подарете нешто што ќе создаде вистински спомени и ќе предизвика насмевки кои траат.
Уникатност и едноставност: Бенто тортите се уникатни по својата едноставност, но со навистина голема емоционална вредност.