Јаз од милион зборови - зошто само една книга дневно го менува мозокот на детето?
- Кидо Медо

- 4 days ago
- 2 min read
Студијата “When Children Are Not Read to at Home: The Million Word Gap’ направена 2019 година, прикажува многу јасни и силни аргументи зошто е важно да им читаме на децата уште од најмала возраст. Имено, децата на кои родителите им читале 5 сликовници дневно, до својата петта година слушнале околу 1,4 милиони зборови повеќе од децата на кои никогаш не им било читано. Дури и децата на кои им читаат по една книга дневно, до својата петта година ќе слушнат околу 290.000 зборови повеќе од оние деца на кои родителите воопшто или ретко им читаат.

Ова прави огромна разлика во понатамошниот академски успех на детето. Децата кои имаат слушнато повеќе зборови, кога ќе тргнат на училиште полесно и побрзо ќе ги препознаваат зборовите во пишана форма, а со тоа ќе имаат подобри читачки вештини.
Мотивот за оваа студија (која се спроведувала во САД) бил податокот дека околу една четвртина од децата во националниот примерок никогаш не биле изложени на читање, а на друга четвртина им било читано многу ретко (еднаш или двапати неделно). Ситуацијата во Македонија верувам дека е иста, иако свеста кај новите генерации родители почнува да се менува. Зошто овој ефект се случува само со читање на книги, а не само со разговор? Затоа што во книгите се употребуваат зборови кои децата немаат можност да ги слушаат во секојдневниот говор. Важно е читањето наглас со децата да стане дел од семејното секојдневие. Како да започнете?
1. Одберете време за читање.
Заедно одлучете во кој дел од денот сакате да читате со детето - наутро или пред спиење или можеби по враќање дома од работа или градинка? Ова е одличен начин да се одморите и да имате поврзувачки моменти заедно.
2. Детската библиотека нека биде лесно достапна до детето.
Во детската соба поставете ниска полица или држач за книги каде сликовниците и книгите ќе му бидат достапни да детето слободно и во било кое време од денот ќе има можност да си ги разгледува.
3. Внимателно одбирајте ги сликовниците кои ги читате заедно. Посетувајте книжарница или библиотека заедно и бирајте ги книгите заедно со детето, во согласност со неговите интереси, но и ваши наскои за тоа што сметате дека е добро четиво за неговата возраст.
4. Илустрациите се важни.
За предучилишната возраст, додека на детето најмногу му комуницира сликата, важно е илустрациите да бидат привлечни, а сепак да имаат и естетска вредност.
5. Читајте со ентузијазам, внимание и љубов.
За детето да го засака читањето заедно, многу е важно на кој начин вие ќе му пристапите на читањето наглас. Станете свесни за убавината на овој заеднички миг, за тоа колку позитивно ќе влијаете врз развојот на детето, но пред се’ забавувајте сe! И секако не заборавајте да читате динамично и интерактивно.
Ви посакувам успех во вашата заедничка читачка авантура со детето.

М-р Ена Абјаниќ Чаусидис
071 452 455



