Сѐ што треба да знаете за пелтечењето - совети од Логопедски кабинет "Зборче"
- Кидо Медо

- Oct 17
- 2 min read
Мало двоумење пред да почне со зборување, повремено повторување на некој слог или наизглед не знае што сака да каже во моментот...
Дисфлуентностите и непотполно течниот говор се составен дел од детскиот развој, а и од говорот на возрасните. Но, во околности кога истите се позачестени и претставуваат предизвик во секојдневието на личноста, веќе се поставува прашањето дали станува збор за пелтечење и доколку е, што може да се преземе околу него?

Во овој блог ќе опфатиме како да се препознае пелтечењето, кои се опциите за третман и како да пристапиме кон дете или возрасен кој пелтечи. Првенствено, пелтечењето може да се дефинира како нарушување на нормалната флуентност и временската распределба на говорот, која е несоодветна за возраста на индивидуата.
Тоа може да има најразличен „изглед“, кој вклучува:
повторување слогови на почетокот од зборот или повторување цели зборови (са-са-сакам);
продолжување на почетниот глас во зборот (ммможе);
„губење“ здив при изговор на некои зборови
придружни неволеви движења на мускулите на лицето и телото;
целосно заменување на попредизвикувачките зборови со „полесни“;
одбегнување на некои говорни ситуации (говорење пред публика, пред непознати и сл.)

Во случај на појава на вакви и слични симптоми во период од 6 месеци, важно е да се направи логопедски преглед, каде логопедот ќе даде процена за говорно- јазичниот статус и препорака за понатамошен третман. Од исклучителна важност е и родителите соодветно да пристапат кон детето кое пелтечи.
Некои важни совети се:
Секогаш ислушајте го детето кога говори и не го прекинувајте!
Не велете му да забави со говорењето или да не пелтечи!
Говорете му со малку побавно темпо од вообичаеното!
Следете ги насоките од логопедот!
Се надевам дека овој блог ќе ве насочи и ќе ви помогне околу дилемите за едно од најчестите нарушувања на течноста на говорот.
За повеќе информации, контакт и совети, следете го логопедски кабинет „Зборче“ на Фејсбук и Инстаграм или исконтактирајте нѐ на 071 461 388.
Ваш логопед, Ивана




