Со читање до говор ("Логопедски кабинет - Зборче")
- Кидо Медо

- 5 days ago
- 2 min read
Неретко се спомнува поврзаноста на читањето сликовници на рана возраст и говорот.
Родителите често добиваат совети од логопедите, дефектолозите и други стручни лица да му читаат на своето дете доколку сакаат да го поттикнат говорот.
Зошто е тоа така? Ефективно е ли секакво читање или има начин кој е најпрепорачлив? Важна ли е содржината на прочитаното?
Одговорите на овие прашања ќе ги пронајдете во денешниот блог.

Имено, според студија од 2019, децата на кои им се чита само една книга дневно се изложени на речиси 300 000 зборови повеќе од децата на кои не им се чита. Тоа значи збогатување на активниот и пасивниот вокабулар, кој дава одлична основа понатаму и за самостојно читање во училишна возраст.
Децата исто така ја учат структурата на реченицата (подмет, прирок, предмет) и истата ја збогатуваат. Постепениот тек на настаните во приказните го зголемува вниманието и ги подобрува вештините за активно слушање. Покрај тоа, читањето гради навика која понатаму го олеснува адаптирањето во училишна средина, која често бара интензивно читање и учење.
Секако, не секое читање е исто, па подолу ќе прочитате неколку совети за најефективно читање:
Одберете книга или сликовница соодветна за возраста. Особено за помалите деца, нека биде богата со едноставни илустрации кои прикажуваат едноставни поими и дејства. Кај постарите деца, препорачливи се содржини кои им се блиски на секојдневието и кои поттикнуваат емпатија, размислување и дискусија.
Користете гестови, мимики и глума за поекспресивно да ја доловите содржината и таа да биде повпечатлива за детето.
Разговарајте за книгата по читањето, особено со поголемите деца. Што направил ликот, зошто тоа го направил, со кого - сите овие се прашања кои поттикнуваат критичко размислување и бараат активно слушање.
Читајте ја истата сликовница и по повеќе пати, особено ако детето го побара тоа. Ова овозможува долготрајно задржување на научениот вокабулар и граматички структури и ја подобрува вербалната меморија.
Негувајте ја љубовта кон книгата кај Вашите деца!
За повеќе информации и совети, следете не' на профилите на Фејсбук и Инстаграм и контактирајте не' на 071 461 388!
Ваш логопед,
Ивана










