Моето дете почна да пелтечи – дали треба да се грижам?
- Кидо Медо

- 6 days ago
- 2 min read
Најчестото прашање што ми го поставуваат родители:
„Моето дете убаво и течно зборуваше, а сега одеднаш почна да завлекува… зошто?“
Ова прашање го слушам многу често од родители на деца на возраст од 3 до 6 години. Добрата вест е дека во многу случаи станува збор за т.н. физиолошко пелтечење, кое е нормална и минлива фаза во говорниот развој.

Што е физиолошко пелтечење?
Физиолошкото пелтечење се јавува кога:
мислите и идеите на детето „одат побрзо“ од можноста на говорниот апарат да ги изговори
говорниот развој е во нагорна фаза (нагло збогатување на речникот, подолги реченици, раскажување)
Мозокот има што да каже, но говорниот апарат сè уште „не стигнува“ – и тогаш се јавуваат:
повторување на слогови или зборови
кратки застои во говорот
завлекување кое доаѓа и си оди
Ова најчесто не трае долго и се повлекува спонтано.
Како да го разликувате од „вистинско“ (класично) пелтечење?
Физиолошко пелтечење:
се појавува повремено
детето не е свесно и не се вознемирува
нема грчеви на лицето
нема избегнување зборување
со време се намалува
Класично пелтечење (кога е потребна проценка):
трае подолг период без подобрување
детето се мачи, се напрега при зборување
има грчеви на лицето, трепкање, напнатост
избегнува да зборува или се фрустрира
пелтечењето се влошува со време
Што треба да направат родителите?
да го следат говорот на детето
да не го прекинуваат и поправат додека зборува
да му дадат време и мирна средина
да не покажуваат загриженост пред детето
Доколку забележите знаци што упатуваат на класично пелтечење – најдобро е навремено да се направи логопедска проценка. Раната проценка значи и полесна интервенција, доколку е потребна.
Не секое „завлекување“ е проблем, но секој сомнеж заслужува стручно мислење.
Говорниот развој не треба да се „чека“, туку да се следи.

📞071 963 667



