top of page

Играта како темел на учењето: Што навистина се случува во детскиот мозок?

Во светот на возрасните, играта често се перципира како нешто „неважно“, додека вистинското учење почнува кога детето ќе седне, ќе отвори книга и ќе слуша. Но науката вели нешто поинаку. Играта е местото каде настануваат најдлабоките сознанија.


Што точно се случува во мозокот кога детето игра?

Мозокот на детето не учи „по предмети“. Тој учи преку искуства што се значајни и поврзани со емоции, движење, интеракција. А токму тоа се случува додека игра.


Кога детето „готви“:

  • Пребројува чаши и лажици – односно усвојува пред математички вештини.

  • Размислува кои „состојки“ му требаат и колку – се развива логиката и концептот за количина.

  • Ја следи структурата на секвенци – го совладува концептот за редослед, што подоцна помага при читање.



Кога децата раскажуваат приказни со кукли:

  • Градат реченици и ги поврзуваат мислите – учат како јазично да се изразат.

  • Користат зборови што ги слушнале во приказни – го богатат својот вокабулар.

  • Земаат улоги и учат како размислува другиот – развиваат емпатија и емоционална интелигенција.


Кога трчаат низ двор и скокаат по патеки:

  • Ја координираат рамнотежата – развиваат мозочни врски помеѓу двете хемисфери.

  • Градат доверба во сопственото тело – развиваат самопочит и емоционална стабилност.

  • Се организираат во игри со правила – развиваат извршни функции: планирање, фокус, флексибилност.

Играта е темел, а не пауза

Истражувањата покажуваат дека децата кои играат во средини што поттикнуваат љубопитност и слобода имаат:

  • Подобра способност за решавање проблеми.

  • Поголема самостојност и соработка.

  • Подготвеност за училиште, не само академски, туку и социјално и емоционално.


Како го користиме ова во WINGS?

Во Интернационалната градинка WINGS во Скопје, играта не е „награда по активност“. Таа е основен метод на учење.


Математиката не ја воведуваме со броеви на табла, туку преку:

  • Редење предмети по големина.

  • Споредување количини додека ја местиме масата.

  • Препознавање шеми додека играме со коцки.


Јазикот се развива додека:

  • Децата раскажуваат што цртаат или креираат.

  • Читаат сликовници и зборуваат за нив.

  • Играат „продавница“ и составуваат реченици.


Светот го истражуваат преку:

  • Игри со вода, песок и природни материјали.

  • Посети во парк и разговор за сето што го виделе.

  • Правење експерименти со бои, растенија или звуци.


Во секојдневниот ритам, има и структура и спонтаност – баланс помеѓу водено учење и слободна игра. Секоја активност има цел, но не е строго контролирана. Детето учи најмногу кога се чувствува безбедно, слушнато и слободно да се изрази.


Што можете вие како родители?


Не мора да правите ништо комплицирано.

Поддршката на развојот може да изгледа вака:

  • Дозволете детето да ја води играта понекогаш – само набљудувајте.

  • Наместо да појдете со „Не така!“, прашајте „Како ти би го направил тоа?“

  • Кога готвите, чистите или пазарите – вклучете го детето и разговарајте за тоа што правите.


И најважно: останете љубопитни со него!


м-р Искра Росо

Дипломиран дефектолог

bottom of page