Кога е вистинското време за училиште?
- Кидо Медо

- Nov 29, 2025
- 2 min read
Значаен момент во развојот на детето е токму започнувањето на формалното образование. Образовниот систем се води според фиксни возрасни критериуми. Во Македонија во прво одделение се запишуваат деца кои до крајот на календарската година ќе наполнат шест години, но практичните искуства сугерираат на тоа дека хронолошката возраст не е секогаш најсоодветниот индикатор за училишна подготвеност.

Во одредени случаеви се појавува оправдана потреба стартот на учебната година да се одложи. Одложувањето не треба да се гледа како пречка, туку тоа е еден ефективен начин кој му овозможува на детето да ја достигне потребната емоционална, когнитивна и социјална зрелост за успешно да функционира на училиште.
Зрелоста на детето е од суштинско значење за прилагодување на академските барања. Секое дете има свое темпо и ритам на развој. Некои деца напредуваат побавно во одередни области. Доколку се очекува да се вклучат во структура што бара повисоко ниво на самоорганизација и разбирање, раното запишување може да доведе до фрустрации, намалена самодоверба и одбивност кон учењето. Самото тоа што се дава можност да созреат некои функции, се поставуваат стабилни основи за понатамошни академски успеси.
Социо-емоционалната зрелост е еднакво важна како и когнитивните способности. Училиштето претставува средина во која детето мора да се справува со нови авторитети, правила и динамики. Кај некои деца кои иако когнитивно се подготвени, се соочуваат со тешкотии при регулација на емоциите или воспоставувањето однос со врсниците. Ова е од особена важност бидејќи раните негативни искуства во училиштето можат да остават долготрајни последици.
Освен индивидуалните развојни фактори, постојат и здраствени или семејни околности што можат да влијаат врз одлуката. На пример, деца со хронични заболувања, одредени дијагнози или некои трауматски случувања може да имаат потреба од дополнително време за стабилно да се подготват во училиште. Во вакви случаеви, одложувањето е најдобрата одлука за заштита на целокупниот развој на детето.
Детето кое што е подготвено да тргне во училиште, дава значително подобри резултати низ текот на основното образование. На децата што им е дадено време да созреат, влегуваат со поголема самодоверба и желба за учење.
Одложувањето на училиштето не го прекинува развојниот процес. Во овој период потребно е да се работи со стручни лица, што значително ќе го олеснат преминот во училишното опкружување

Текстот е на Елеонора Наумоска и Јана Маркоска
Специјални едукатори и рехабилитатори во Здружението за стимулација на раст и развој, едукација и советување "Центар - Мали стапала"- Скопје
📞 070 976 932



