Интервју со Наташа Цветановска Тодосовска: Доењето е биолошка норма, а не избор со придобивки!
- Aug 9
- 8 min read
Updated: Aug 11
Светската недела на доењето е настан кој секоја година добива сè поголемо значење, а оваа година, според организаторите, ги надмина сите очекувања. Во интервју за Кидо Медо, добивме повеќе детали за тоа како помина настанот, што го направи посебен и зошто е важно да се зборува отворено за доењето.
Разговаравме со Наташа Цветановска Тодосовска, сертифициран специјалист за доење, лидерка на La Leche League Deutschland и основачка на "Доење со љубов", која веќе петта година по ред е еден од главните организатори на настанот во Скопје. Наташа е инспирација за многу мајки во регионот и неуморен борец за поддршка на доењето и емпатичното родителство.

Може ли да ни кажете повеќе за тоа како помина настанот посветен на Светската недела на доењето? Која беше главната цел?
Настанот по повод Светската недела на доењето оваа година навистина помина над нашите очекувања, и по посетеност, и по атмосфера. Но пред сѐ по ефектот што го остави кај семејствата. Главната цел ни беше да овозможиме бесплатна, проверена едукација за доењето и родителството, нешто што сметаме дека е основно право, а сепак недоволно достапно.
Освен едукации, настанот беше и можност за поврзување, поддршка и нормализирање на доењето како чин, нешто што уште често се третира како табу или се покрива со митови. Оваа година се почувствува дека иницијативата порасна, не само во обем, туку и во значење.
Голема благодарност до сите што беа дел од овие три дена и што препознаа колку е важно да се зборува гласно, но емпатично, за поддршката на мајките и бебињата уште од самиот почеток.
Кои беа организаторите и колку луѓе присуствуваа на настанот?
Организатори на настанот беа Наташа Цветановска Тодосовска од Доење со љубов и Јасна Апостолски-Николов од Бебелогија, а оваа година со поддршка и од Ивана Тасеска од платформата Доилка.
Настанот се одржа во живо во Центарот Јадро и беше проследен од повеќе од 150 присутни, родители, идни родители и поддржувачи. Дополнително, уште толку луѓе го следеа онлајн, што за нас е потврда дека интересот и потребата за ваков вид едукација и поддршка постојано расте.
Особено сме горди што програмата оваа година беше навистина богата со прекрасни предавачи од земјава, но и меѓународни експерти, кои донесоа нови перспективи и вредни информации на тема доење.
Кои делови од настанот наидоа на најголем интерес кај публиката?
Сите делови од настанот наидоа на исклучително голем интерес кај публиката од предавањата, преку панел-дискусиите, па сè до изложбата и неформалните средби. Атмосферата беше топла, отворена и пријателска, и се чувствуваше колку луѓето имаат потреба од вакви средби каде што можат да слушнат проверени информации, да постават прашања, да се поврзат и да добијат поддршка без осуда.
Она што е малку жално, е што на едукативните настани кои беа особено наменети за здравствени работници токму оние кои најчесто први се среќаваат со мајките и бебињата, а имавме многу мала посетеност токму од нив. Ама, тоа е. Имаме една поговорка: „Со сила на човек не можеш да му дадеш, можеш само да му земеш.“ И ние навистина не сакаме да форсираме, само сакаме да покажеме дека постои знаење, постојат ресурси, постои простор за надградба… а кој ќе сака, тој ќе најде начин да стигне до нив.
Што би издвоиле како најважно од настанот?
Најважното што би го издвоиле од настанот е чувството на заедништво, разбирање и валидирање на родителските предизвици. Секоја година, а особено оваа, успеавме да создадеме простор каде што родителите не само што добија стручна едукација, туку и вистинска поддршка – да слушнат дека не се сами, дека многу други минуваат низ слични ситуации, и дека со правилни информации и помош, предизвиците навистина можат да се надминат.
Имавме можност да зборуваме и за теми кои сè уште не се доволно познати – како што се оралните рестрикции, перцепцијата на успешноста во доењето, митовите кои создаваат притисок врз мајките, и уште многу важни аспекти од родителството. Тоа што имавме меѓународни говорници, како и активно вклучување на публиката, ја направи програмата уште побогата и порелевантна.
Особено се гордееме што во рамки на настанот беше поставена и фотографската изложба „Во меѓувреме дојам“ од фотографката Драгана Николоска (Love Click Рhotograрhy), која преку искрени, ненаметливи, но моќни кадри ја прикажа реалноста на доењето, онакво какво што е во секојдневието. Изложбата беше топло прифатена и предизвика длабоки емоции и препознавање кај многу мајки и татковци.
На крајот, најголемата вредност беше токму тоа што многу семејства си заминаа охрабрени, информирани и поврзани.

Кои се клучните придобивки од доењето за здравјето на мајките и бебињата?
Кога зборуваме за доењето, многу често го претставуваме како нешто што „има придобивки“ како некој бонус ако мајката се одлучи да го дои своето бебе. Но вистината е дека доењето не е нов тренд, ниту избор со придобивки туку биолошка норма за хранење на новороденчиња. Сè што доаѓа надвор од таа норма, мора да го гледаме како ризик од недоење, а не како „нормала без придобивки“. Во нашето модерно општество, не е баш пријатно да се зборува за овие ризици, звучи остро, понекогаш осудувачки, а всушност не е тоа поентата. Поентата е да се разбере дека мајчиното млеко не е „подобро“ од нешто друго туку е стандардот на кој човечкото тело и развојот на бебето се навикнати од биолошка гледна точка.
Недоењето, односно отсуството на мајчиното млеко, поврзано е со зголемен ризик од различни здравствени состојби и кај мајките и кај бебињата како што се инфекции, метаболни нарушувања, проблеми со дигестивниот и имуниот систем, но и емоционални и поврзувачки аспекти кои често се занемарени. Тоа не значи дека секое дете кое не е доено ќе се соочи со проблем, но значи дека ризикот е зголемен и тоа е важно да се знае, за да може секое семејство да донесе информирана одлука.
Информацијата не треба да биде украс, туку алатка. Затоа зборуваме за ризици, не за вина, да им дадеме на родителите право да знаат, а потоа и да изберат.
Како доењето влијае на развојот на детето, неговиот имунитет и емоционалната поврзаност со мајката?
Доењето не е само храна, тоа е комплексен биолошки и емоционален процес кој директно влијае на развојот на детето, особено во првите години од животот. Мајчиното млеко е жива супстанција, која се менува и се приспособува на потребите на бебето, од ден на ден, па дури и за време на самото подојување. Тоа значи дека не само што го храни телото, туку и активно учествува во развојот на мозокот, органите и имунолошкиот систем.
Што се однесува до имуниот систем, мајчиното млеко содржи антитела, имунолошки клетки, ензими и хормони кои го заштитуваат бебето од инфекции, воспаленија и долгорочни здравствени состојби. Тоа е првата "вакцина" која новороденчето ја добива, директно од телото на мајката, адаптирана на средината во која живеат.
Од друга страна, емоционалната поврзаност која се гради преку доењето е исто толку важна. Подојот е време кога бебето не само што се храни, туку и се чувствува безбедно, заштитено и сакано. Тоа е интензивен контакт кожа на кожа, поглед во очи, тон на глас, мирис, сè што го поттикнува хормонот окситоцин, кој игра голема улога и кај бебето и кај мајката. Таа врска не е "бонус", туку дел од основниот емотивен развој на детето.
Со други зборови – доењето не е само прашање на хранење, туку прашање на целосен развој физички, имунолошки и емоционален.
Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваат мајките на почетокот на доењето и што би им препорачале?
Најчестите предизвици на почетокот на доењето се всушност многу природни и почести отколку што мајките очекуваат. Меѓу нив се болка при цицање, неправилно поставување на бебето на градата, неправилен (плиток) фат на града, сомнежи во количината на млеко, замор и стрес. Исто така, голем предизвик е и недостатокот на едукација, и потоа поддршка и точни информации, што понекогаш го прави искуството уште потешко.
Мојата најважна препорака до мајките е да се едуцираат на темата. Сите се трудат да се едуцираат за породувањето, но, на жалост не и за доењето. А доењето е нешто кое што е навистина поспецифичен процес од породувањето – бидејќи најчесто е мајката сама во тој процес. Би им посакала да си овозможат едукација, да не се плашат од предизвиците и да знаат дека тие не се знак за неуспех, туку дел од процесот. Многу често, со мала помош од стручни лица од оваа област консултанти за доење овие пречки се надминуваат многу брзо.
Исто така, им препорачувам да се опкружат со поддршка од партнерот, семејството, пријателите, и да бараат доверливи извори на информации. Доењето е учење за двајца: и за мајката и за бебето, и има потреба од време и трпение.
На крајот, најважно е да слушаат и го почитуваат своето тело и чувствата, и ако нешто не оди како што очекуваат, да побараат помош без страв и срам. Тие не се сами во тоа патешествие.
Како татковците можат да ја поддржат својата партнерка во процесот на доење?
Татковците имаат огромна улога во поддршката на партнерките во процесот на доење. Тие се клучен столб на емотивна и практична поддршка, која мајката многу ја цени, особено во првите денови кога сè е ново и понекогаш предизвикувачко.
Преку разбирање на процесот на доење и предизвиците со кои мајката може да се соочи, татковците можат да помогнат со охрабрување, трпение и помош во секојдневните обврски за да ја ослободат мајката од дополнителен стрес и замор.
Исто така, можат да бидат активен дел од едукациите или да ги обезбедат потребните ресурси и контакти со стручни лица ако мајката има потреба од совет или помош. Понекогаш најголемата помош е едноставно да се слуша и да се биде присутен.
Крајната цел е да се создаде тимска атмосфера каде што мајката ќе се чувствува сигурна и поддржана, а тоа значително влијае и на успешноста на доењето, но и на целокупната благосостојба на семејството.
Совети и препораки
Кои се вашите најважни совети за успешно доење, особено за мајките што се враќаат на работа?
Најважно е мајката да се подготви со едукација и план навреме. Враќањето на работа не значи крај на доењето, но начинот на организација многу зависи од повеќе фактори. Прво, важно е да знаеме дали мајката ќе работи од дома или ќе има физичка одвоеност од бебето. И уште поважно кога се враќа мајката на работа, бидејќи возраста на бебето и фреквенцијата на доењата се клучни: ако бебето има 8–9 месеци (како што е вообичаено кај нас), можеби нема ниту потреба од редовно измолзување. Но ако бебето е помало и доењата се почести, тогаш е важно да се воспостави рутина која ќе помогне да се одржи производството.
Најважен совет, не сте сами. Барајте поддршка и информирајте се однапред, за да можете со поголема сигурност да продолжите да доите и по враќањето на работа.
Како мајките можат да препознаат кога им е потребна стручна помош и каде можат да ја побараат?
Мајките најчесто чувствуваат дека нешто не е во ред или затоа што бебето не цица ефективно, не качува добро на тежина, има болка при подој, или пак се јавуваат сомнежи дали има доволно млеко. Но, не секогаш знаат дали тоа е навистина проблем и што значи „нормално“ во доењето. Не ретко добиваат и непроверени совети од околината, па кога и тие не функционираат, фрустрацијата расте.
Затоа, едукацијата е клучна. На мојот курс за доење, мајките добиваат информации кои не само што им помагаат да се справат со вообичаените предизвици, туку и ги учат како да препознаат кога ситуацијата бара стручна помош и каде да ја побараат. Стручна поддршка постои, но првиот чекор е секогаш информираноста. Колку повеќе знаеш, толку полесно ќе препознаеш и ќе реагираш навреме.
Кој е најголемиот мит за доењето со кој често се среќавате и како би го демистифицирале?
Ох, да е само еден! Многу се од рангот на „големи“ митови. На мојот инстаграм профил со години посветувам една „Myth Busting“ едиција на постови, каде што ги имам опфатено речиси сите митови со кои се среќавам во секојдневието.
Јас би го издвоила митот дека „многу жени немаат доволно млеко“ што често се користи како објаснување за секоја потешкотија во доењето.
Факт е дека вистинска ниска продукција на млеко е ретка и обично има конкретни причини како недоволна стимулација на градите, ретко доење, медицински состојби или анатомски пречки кај бебето. Најголемиот дел од мајките имаат потенцијал да произведуваат доволно млеко, но им недостигаат поддршка, информации или рана интервенција.
Овој мит е опасен затоа што веднаш води до додавање адаптирано млеко, без да се истражи причината зошто бебето не напредува. Наместо да се бара зошто млекото „недостига“, често се оди по полесниот пат, а тоа ја подрива довербата на мајката во сопственото тело. Затоа повторно клучна е едукацијата, особено пред или веднаш по раѓањето.

Сите заинтересирани можете да стапите во контакт со Наташа преку нејзините профили на Instagram и Facebook. Таму ќе најдете едукативни содржини, најави за настани, курсеви и други активности. Покрај тоа, на веб-страницата www.doenjesoljubov.com може да се најдат информации за сите курсеви, консултации и поддршка што се нуди за семејствата.